Според таен документ, над 1.000 Кенијци биле намамени да се борат за Русија – Кремљ вели дека тоа е лага
Според разузнавачкиот извештај, кој го пренесе Ичунгва, агенциите за посредување при вработување таргетирале поранешни војници и полицајци, како и цивили на возраст од средината на дваесеттите до педесеттите години, „очајни за можности за работа во странство“.
Повеќе од 1.000 Кенијци биле намамени да се борат за Русија во нејзината војна против Украина, покажува разузнавачки извештај доставен до кенијскиот парламент, кој го открива обемот на руската операција за регрутирање африкански мажи за испраќање на фронтот, пренесе „Гардијан“.
Препорачано
Лидерот на мнозинството во Националното собрание на Кенија, Кимани Ичунгва, изјави дека „нечесни агенции за регрутација и поединци во Кенија продолжуваат да испраќаат кенијски државјани да се борат во конфликтот“, читајќи им на пратениците резиме од истрагата на Националната разузнавачка служба на Кенија.
Бројката од повеќе од 1.000 луѓе претставува значително зголемување во однос на податоците што Министерството за надворешни работи на Кенија ги објави во ноември, кога соопшти дека повеќе од 200 Кенијци заминале да се борат во војната.
Сè поголем број луѓе од африканските земји – вклучително Кенија, Уганда и Јужна Африка – како и од други делови на светот, се намамени да заминат на фронтот, додека Русија бара дополнителна работна сила за да ја одржи инвазијата.
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, во ноември изјави дека повеќе од 1.400 луѓе од 36 африкански земји се борат на страната на Русија во Украина. Многумина од нив се воени заробеници во Украина.
Како Кенијците биле измамени да се борат за Русија
Според разузнавачкиот извештај, кој го пренесе Ичунгва, агенциите за посредување при вработување таргетирале поранешни војници и полицајци, како и цивили на возраст од средината на дваесеттите до педесеттите години, „очајни за можности за работа во странство“.
Во извештајот се наведува дека агенциите ги мамеле Кенијците со ветувања за месечни плати од околу 2.300 евра, бонуси од приближно 5.900 до 7.900 евра, како и со ветување за идно добивање руско државјанство.
Дополнително, агенциите се обвинети дека соработувале со неколку државни институции – Дирекцијата за имиграциски служби, Дирекцијата за кривични истраги и нејзината единица за борба против наркотици, како и Националната агенција за вработување – за да се спречи нивно задржување на меѓународниот аеродром во Најроби, изјави Ичунгва.
Понатаму се тврди дека агенциите соработувале и со вработени во руската амбасада во Кенија и во кенијската амбасада во Москва за да им обезбедат на регрутите руски туристички визи.
Неодамна во Кенија се одржа симболична погребна церемонија за 31-годишниот Чарлс Вајтака Вангари, кој загинал додека се борел на страната на Русија. Телото не било вратено од Русија за погреб во неговото родно село Мукурве-ини, во округот Нијери, Кенија, 5 февруари 2026 година.
Кремљ: „Ова е опасна пропагандна кампања“
Во четвртокот, руската амбасада во Кенија негираше дека била вмешана во регрутацијата на Кенијци за борби во Украина, оценувајќи ги обвинувањата како дел од „опасна и погрешна пропагандна кампања“.
„Амбасадата најостро ги отфрла овие обвинувања. Владата на Руската Федерација никогаш не учествувале во нелегална регрутација на кенијски државјани во вооружените сили на Руската Федерација“, се вели во соопштението објавено на платформата „Икс“.
Во извештајот се наведува и дека, поради засилените контроли и задржувања на регрути на аеродромот, тие сега патуваат преку Уганда, Демократска Република Конго и Јужна Африка.
Според податоците од февруари, 39 Кенијци биле хоспитализирани, 30 биле репатрирани, 28 се водат како исчезнати во борбите, 35 се наоѓаат во воени кампови или бази, 89 се на фронтот, еден човек е притворен, а друг, пак, го завршил договорот, се наведува во извештајот.
Кенијскиот министер за надворешни работи, Мусалија Мудавади, се очекува следниот месец да ја посети Русија за да разговара за „неприфатливата и тајна“ регрутација на кенијски државјани.
Во средата, четворица Јужноафриканци се вратија во Јужна Африка од Русија. Тие биле дел од група од 17 јужноафрикански и двајца ботсвански државјани кои, наводно, биле измамени да се борат за Русија од ќерката на поранешниот јужноафрикански претседател Џејкоб Зума, Дудузиле Зума-Самбудла.
– Процесот беше тежок. И понатаму е тежок за оние што сè уште се на фронтот, бидејќи наводно биле намамени од приватен безбедносен изведувач поврзан со руската влада. Тоа дополнително ја усложнува ситуацијата, зашто, според руската влада, тие не биле директно регрутирани во руската армија – изјави јужноафриканскиот министер за надворешни работи, Роналд Ламола.
Франција го пушти „на слобода“ рускиот танкер – компанијата треба да плати солена казна


