Премиера на првата македонска опера „Гоце“ во 1954 година

Спомен-соба на композиторот Кирил Македонски ќе биде отворена во Завод и Музеј во Битола

Отворањето на Спомен-собата во чест на композиторот Кирил Македонски, во рамките на НУ Завод и Музеј – Битола, ќе се одржи со свечена академија на 23 декември (вторник), со почеток во 19 часот. Настанот е еден дел од проектот „100 години од раѓањето на Великанот Кирил Македонски“.

На свечената академија ќе се изведат арии од оперите „Гоце“ и „Цар Самоил“, хорски дела, како и една праизведба на Суита за обоа и фагот.

Спомен-собата содржи ексклузивен материјал за композиторот, бројни информации за животот и делото, обемна литература, како и оригинали и лични предмети, од кои дел оваа година семејството на композиторот ги предаде на Музејот, институција која има посебно место во чувањето, заштитата и презентирањето на македонското културното наследство.

Збирката содржи повеќе од 300 книги од семејната библиотека, 20 регистратори со ретки документи, три семејни фотоалбуми, опери, партитури, либрета, писма, оперети за деца, хорски дела, симфонии, филмска и драмска музика, детски песни, ретки списанија, плакати за настани, дипломи, награди, лични предмети, лични документи, се само мал дел од обемниот материјал.

НУ Завод и Музеј – Битола го чува и клавирот на којшто Македонски ја компонирал првата македонска опера „Гоце“.

Кирил Македонски бил роден на 19.01.1925, во Битола. Бил човек-визионер, со многу напредни идеи за своето време, автор на првата македонска опера „Гоце“ (1954), како и на оперите „Цар Самоил“ (1968) и „Илинден“ (1973).

На подрачјето на оркестарската музика, значајно дело е симфониската поема „Танчарка“ (1952), како и петте симфонии. Паралелно со компонирањето, Македонски се занимава и со проблемите од областа на музичката психологија, посебно со музикотерапијата, постигнувајќи видни резултати на тој план и во меѓународни размери. Неговото творештво е огромно. Освен издадените дела, во оригинални ракописи постојат бројни партитури кои допрва ќе се откриваат. Починал во Скопје во 1984 година.

„На музиката ѝ претстои исклучително значајна улога во животот на човекот и на универзумот, каква што денес едвај можеме да ја предвидиме“, истакнал своевремено композиторот на првата македонска опера, Кирил Македонски.

Фотографиите се дел од ексклузивниот материјал што семејството на Македонски го отстапило на битолскиот Завод и Музеј.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот