Спојот на уметноста и науката резултира со „кодирана поезија“

Кодирана поезија од Елена Пренџова

Во просториите на КСП „Центар-Јадро“ во Скопје на 24 јуни (сабота), во 20 часот, ќе се одржи мултимедијалниот и интердисциплинарен настан „Кодирана поезија – визуелната поезија на иднината“. Проектот вмрежува повеќе уметнички дисциплини, но ја вмрежува и уметноста како дисциплина со научната дисциплина информатички науки, конкретно со програмирањето.

Се работи за мултимедијален проект кој ги обединува уметноста на зборот – поезијата, визуелната уметност – сликарството и анимацијата, модниот дизајн, аудиодизајнот и видеодизајнот. Ова е единствениот проект во Македонија, но и во регионот, што дејствува интердисциплинарно вмрежувајќи ги областите уметност и наука.

Вечерта ќе се случи промоција на збирката избор поетски минијатури, визуелни песни и кодирани песни „Холограм од спомени“ од Елена Пренџова, а промотор ќе биде писателот Санде Стојчевски.

Според авторката, кодираната поезија претставува визуелна поезија на XXI век; значи, претставува континуирана еволуција на визуелната поезија од минатите векови. Експериментирањето со кодираната поезија на Пренџова претставува нејзин континуитет со визуелната поезија што почнува од нејзината втора авторска збирка „Таа“ од 2009 година и продолжува во 2013 година со збирката „Живот под ѕвездите“ и во 2022 со изложбата на визуелна и конкретна поезија.

Промоцијата ќе биде пропратена со изложба на кодирани песни, кои се „испишани/ запишани/ напишани“ во програмски јазик од страна на самата авторка и на софтверскиот инженер Владимир Петровиќ од Белград, Србија.

Понатаму, се навлегува и во употребата на кодовите преку кодираната поезија во популарната култура и во другите уметности и умешности, па така, ликовната уметница и модна креаторка Јана Манева-Чупоска ќе ги „искористи/ рециклира/ возобнови“ кодовите од кодираните песни како мотиви во свое сликарско дело, но и како мотиви на модни парчиња кои ги изработи заедно со професионалната моделарка Гордана Божиновска, а закитени со плетените модни додатоци од пензионерката, учителка-негувателка во пензија Марика Велкова.

Ќе биде прикажано и арт-видео на видеоавторката и истражувачка на мултимедијални форми и модели Вероника Камчевска, придружено со аудиодизајнот на дизајнерот кој работи исклучиво на арт-инсталации и експериментални и документарни филмови, Горан Москов, кое ги користи кодовите како предлошка. Проектот се реализира со поддршка од Министерството за култура.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот