Списанието „Спознавање“ е создадено со цел да даде поддршка на независната културна сцена
Во рамките на проектот „Урбана агенда“ на 9 ноември во МКЦ – Битола ќе биде промовиран новиот број на списанието „Спознавање“, кое е создадено со цел да даде поддршка на независната културна сцена.
Програмата на мултимедијалниот настан, на кој ќе биде промовиран петтиот број на младинското списание „Спознание“, содржи проекција на краткометражни филмови избрани од Младинскиот филмски фестивал (МФФ), базар од локални креативци, изложба на ламби од рециклирани материјали од Христо Бојаџиев, инсталација на колективот „Партизанска штампа“, додека од 20 часот ќе почне музичкиот дел со настап на Теа Шалдева и Огнен Златанов, а од 21 часот ќе настапи групата „Алембик“.
Создадено од студенти со мисија да го промовираат алтернативното уметничко изразување, списанието беше основано како дигитален медиум во јуни 2022 година, а веќе прерасте во печатен медиум со пет изданија. Ова движење има за цел не само да го зајакне медиумското присуство на младите уметници, туку и да ја врати навиката за читање на печатените медиуми меѓу младите. Главен уредник на списанието е Дарко Беровски.
Со каква потреба, цел и мисија го започнавте списанието „Спознавање“?
– Потребата се јави природно, односно беше одговор на прашањето: Дали кај нас се доволно поддржани алтернативните креативци? Кога не дојде одговорот решив дека е потребно да се истражи таа празнина. Во процесот на наоѓање на потребните информации наидов на огромен ентузијазам и интерес од самите тие креативци што се занимаваат со некаков вид уметност. Со тоа се развива и самата цел, така што може да се дефинира како алатка за одржување на овој вид култура во нашата земја.
Како мисија, прва ни беше списание, но испаднаа да се пет и некако сакаме да продолжиме во тој правец, но со исполнувањето на првата мисија паралелно се создаде и следната, односно овозможување простор овие креативци да се претстават пред одредена публика.
Кој стои во основачкиот табор на списанието?
– Од дигитално во печатено списание „Спознавање“ преминува брзо, а во основачкиот табор бевме само Анамарија Мишачковска и јас. Со Анамарија се познаваме веќе од нашите средношколски денови и после еден разговор за идејата што ја имав, да направам физичко списание и љубопитноста што таа ја искажа да креира нешто опипливо, заклучив дека е одличен спој. Во дизајнирањето ја имаше целосната слобода и година и половина подоцна сè уште ја има!
Надвор од нас двајцата, ги имаме фотографите Никола Јовановиќ, Иво Велчевски и Емилија Трајковска, кои уште од почетоците имаа свој визуелен придонес за „Спознавање“. Покрај тоа, беа вклучени со предложување на уметници што сметаат дека соодветствуваат со идејата на „Спознавање“.
Кому му е наменето списанието?
– За секого! За луѓето, за уплашеното дете од првиот чекор кон неговите идеи, за љубопитната личност што сака да ја истражува длабочината на океанот преку пливање, за индивидуата која се бори да гласот му биде слушнат… Вистината е дека немаме дефинирана таргет група, бидејќи со тоа се ограничуваме самите. Содржински биле присутни и постари уметници, традиционални музичари, алтернативни бендови, учесници на „Евровизија“, но и креативци на кои првата изложба им била токму на наш настан. Со тоа се раѓа слободата да може да биде наменето за секој што сака да истражи нешто ново, независно и креирано од апсолутно добро.
Креирано е за нас и за нашите неисполнети можности од институциите. Затоа мораме цело време да се прашуваме за општеството околу нас, да најдеме канал да го изразиме тоа прашање и да се избориме тоа да се овозможи и за други луѓе.
(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 255, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 9-10.11.2024)