Насловна корица на книгата „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“

Специјално издание на книгата „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ излезе на англиски јазик

По повод двегодишнината од ненадејната смрт на Искра Чоловиќ, доајен на македонското радиоспикерство, новинар и публицист, деновиве од печат излезе „The Swan Song of the Prisoner of the Wind“, специјално издание на англиски јазик на книгата „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ (радиоелегија за првата македонска поетеса Даница Ручигај) на Искра Чоловиќ и Свето Стаменов, поранешни новинари на Македонското радио – Радио Скопје и познати македонски публицисти.

Книгата на англиски јазик ја преведе д-р Александар Сандевски, доктор по медицина и поет, а како нејзин уредник и приредувач се јавува поранешниот словенечки амбасадор во нашава земја, дипломат, универзитетски професор, писател и поет Милан Јазбец. „The Swan Song of the Prisoner of the Wind“ се појавува по специјалните изданија на „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ на македонски и на српски јазик, како и на двојното аудио ЦД „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“, кои беа посветени на 90-годишнината од раѓањето на првата македонска поетеса и основоположничка на т.н. женско писмо во современата македонска поезија и литература, воопшто, Даница Ручигај (1934-1963) и на годишнината од ненадејната смрт на Искра Чоловиќ (1960-2023).

Искра Чоловиќ и Свето Стаменов со книгата „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“, која првпат беше објавена во 2016 година и која на српски јазик беше објавена во 2019 година, во превод на Снежана Алексиќ Станојловиќ, фактички го започнаа серијалот на изданија посветени Даница Ручигај во кој наредните години се наредија: „Ако влегуваш во овој храм во кој љубовта е вера, помоли се!“ (2016), „Недореченост, о проклета да си“ – антологија на песни посветени на Даница Ручигај (2018), „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ – аудиоиздание (2018), „Лабудова песма Заробљенице ветра“ (2019), „Даница Ручигај – Песна над песните“ (2020), „Даница Ручигај и книжевната критика“ (2021), „Сребрени ноќни игри и Заробеници на ветрот“, јубилејно издание по повод шеесетгодишнината од трагичната смрт на првата македонска поетеса Даница Ручигај (2023) и „Сребрне ноћне игре и Заробљеници ветра“.

„Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ е своевидна книга – потомок или, подобро кажано, концентрат на мегапроектот – серијалот од пет специјални едночасовни радио-емисии „Ако влегуваш во овој храм во кој љубовта е вера, помоли се!“, кој беше посветен на педесетгодишнината од трагичната смрт на Даница Ручигај и скопскиот катастрофален земјотрес и кој беше емитуван на програмата на Македонското радио – Радио Скопје во текот на јули и август 2013 година.

Поконкретно, оваа книга е своевиден аудио-книжевен проект, есенција за најважното, најскапоценото, но и најсетното од животописот, но и поетопис за најпоетесата меѓу македонските поетеси, раскошната и незаборавна Даница Ручигај, која остави длабоки и неизбришливи траги не само во современата македонска поезија, туку и во македонската култура, воопшто.

Книгата има структурални делови: авторски текст – коментар кон животот на поетесата и нејзиното време на човечко и творечко опстојување, избрани стихови од двете нејзини антологиски стихозбирки „Сребрени ноќни игри“ и „Заробеници на ветрот“ и автентични искажувања на петнаесетина нејзини современици, пријатели и следбеници: м-р Златица Поповиќ Ручигај, Евгенија Шуплинова, Иван Чаповски, Михо Атанасовски, Гордана Михаилова-Бошнакоска, Коле Чашуле, Светлана Христова Јоциќ, Звонко Стојановиќ, Људмил Спасов, Кристина Николовска, Васил Тоциновски, Александар Прокопиев и Ирена Павлова де Одорико.

Ова специјално издание на „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ на англиски јазик, покрај воведните текстови на уредникот и приредувач проф. д-р Милан Јазбец и на преведувачот д-р Александар Сандевски, е збогатено со пригодни текстови на проф. д-р Васил Тоциновски, проф. д-р Кристина Николовска и проф. д-р Димитар Пандев.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 313, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28.12.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот