Спасовски: Се трага по креаторите на „Јавна соба”, можна блокада на „Телеграм“

Двајца битолчани и по еден велешанец и штипјанец се проиведени денеска во врска со случајот „Јавна соба”, информира министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој во изјава за ТВ Канал 5 рече дека „работиме заедно со Обвинителството со цел да се обезбедат и дополнителни докази што ќе бидат докази во постапката“.

– Секако дека трагаме за уште лица. Имаме идентификувано уште лица кои во наредниот период ќе бидат приведени и да можеме да дојдеме до оние кои ја креираат оваа група. Меѓутоа и оние што злоупотребуваат лични податоци внатре во групата. Интензивно работиме во соработка со ЈО. Имавме експресна, брза реакција во делот на пронаоѓање на овие сторители и сметам дека на овој начин можеме ефикасно да ставиме крај на вакви злоупотреби што моментно се присутни на одредени социјални мрежи, рече Спасовски.

Се прават обиди, како што истакна министерот Спасовски, и за контакт со социјалната мрежа „Телеграм“, но засега без успех.

– Неколкупати досега имаме доставувано барања до платформата „Телеграм“ и тоа официјални барања што се поткрепени со наредби од ЈО, од судот, итн., меѓутоа досега немаме никаков контакт ниту било какво постапување по однос на тие наредби што ги имаме за одредени предмети. Затоа мислам дека треба да се ангажираме повеќе како држава во делот на обезбедување на правната помош. Имајќи предвид дека скоро ниту една од државите не добива никакви одговори од „Телеграм“, очигледно е дека ваквиот начин на кој се постапува оди во прилог на оние кои ја злоупотребуваат оваа платформа и затоа ние ги преземаме сите можни мерки со цел да бидеме заштитени во иднина како држава генерално, посочи Спасовски.

Тој потенцира дека е можно банирање на целата платформа „Телеграм“ што работи на територијата на нашата држава затоа што, како што рече, постојано се креираат вакви групи.

– Креирањето на вакви групи, секако, е од луѓе кои имаат сериозни намери да нарушат лична безбедност или лични податоци на одредени лица. Јас, преку ЈО, очекувам не само да бидат изведени пред лицето на правда, туку тоа да претставува обесхрабрување за секој еден што ќе се дрзне во иднина на ваков начин или на било која платформа, да злоупотребува лични податоци заради тоа што навистина тие кои се жртви во овој случај се оние зад кои ние мора да застанеме во заштита, рече Спасовски.

Тој ги повикува сите жртви кои се наоѓаат во групата да пријават на централно ниво во МВР.

– Се работи во тој правец на откривање практично на оној кој ја креирал групата и оние кои се дел од групата. Тоа ќе го покаже целосно истрагата. Ќе имаат сериозна кривична одговорност. Упатувам апел до сите, пред сè до младите луѓе кои ги користат овие платформи, социјални мрежи, да постапувааат врз основа на позитивните законски прописи. Инаку, секој што се наоѓа во таа група до крај ќе се истражи и ќе сноси кривична одговорност, рече министерот Спасовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот