Спасовски: Последните закани за поставени бомби доаѓаат од Иран и Русија, наставата отсега ќе се одвива непрекинато

Фото: МВР/принтскрин

Во последните денови заканите за поставени експлозивни направи доаѓаат од електронски пошти испратени од адреси во Иран и Русија, а уплатите на Ви-Пи-Ен услугите се со криптовалути што го отежнува пронаоѓањето на сторителите, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во гостување во СТУДИО 10 на Телевизија 24.

Министерот додаде дека дојавите во земјава се најчесто од малолетници, но за тоа нема да споделуваат информации со јавноста додека се обезбедуваат докази.

Ова е еден интензивен хибриден напад што ни се случува низ целата територија на земјата, при што беа зафатени околу 120 објекти, не само училиштата. Безбедносните служби активно работеа, безбедноста не беше загрозена но мораше да се постапува според упатствата. Направивме оперативен тим од различни институции кои учествуваат со свои експерти и бараме соодветни решенија за да најдеме поинаков пристап кон електронските закани. Јас како министер донесов ново упатство за постапување и од петокот училиштата функционираат според тоа упатство, информираше Спасовски.

Со новото упатство, како што појасни тој, се прави процена на ризик, па отсега па натаму ќе се преземаат мерки но без да се нарушува образовниот процес во училиштата.

Во однос на начинот на којшто ќе се одвива наставата, Спасовски потенцираше дека полицијата ќе биде присутна во близина на училиштата, како дел од упатството, кое нема да биде јавно објавено, туку за тоа ќе бидат известени директорите на училиштата.

Наставата ќе се одвива непрекинато, а постапувањата ќе бидат според фактичката состојба. Најважна е безбедноста и спокојството на граѓаните. МВР ќе го цени ризикот од дојавата, но во секој случај ќе постапи според заканата, вели тој.

Потенцираше дека МВР соработува со Интерпол и Европол, а како сериозен проблем ги посочи Ви-Пи-Ен адресите. Исто така, изјави дека работата не е излезена надвор од контрола и оти дојави има насекаде во светот.

Напредокот на техниката ги олеснува работите но и создава проблеми. Од самиот старт МВР анализира неколку различни мотиви. Еден од нив е геостратешкиот, кој е многу веројатен затоа што дојавите за бомби се засилуваат зависно од состојбата на фронтот во Украина. Друг мотив е авантуристички и тука станува збор за малолетници, појасни Спасовски.

Додаде дека хибридните напади се поттикнати од се она што се случува во светот, од миграциски до војни и кризи како што економската.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот