Спасовски: Креираме политики за ефикасна борба против корупцијата

Оливер Спасовски
Оливер Спасовски / Фото: Фејсбук, Оливер Спасовски

На патот кон градењето на модерна, развиена и земја со европски стандарди, еден од главните фокуси на делување на институциите на Република Северна Македонија е ефикасната борба против корупцијата. Токму затоа, Република Северна Македонија е посветена кон креирање политики и решенија за надминување на оваа појава која длабоко навлегува во сите пори на едно општество ако остане неадресирана, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во своето денешно обраќање на онлајн форумот на министри за внатрешни работи на земјите кои се дел од Берлинскиот процес.

Спасовски, како што соопшти МВР, покрај во сесијата посветена на борбата против корупцијата говореше и во сесијата посветена на управувањето со миграциите.

– Во март годинава, Владата го усвои Планот за борба против корупција кој претставува одговор на ваквите закани и кој има за цел да ја зајакне функционалноста на институциите во борбата против корупцијата, преку воспоставување на јасни механизми за соработка и градење на општество ослободено од корупција, потсети Спасовски. 

Министерот Спасовски посочи на досегашни активности и проекти во делот на борбата против корупцијата, како финализирањето на „Стратегија за јакнење на капацитетите за водење на финансиски истраги и конфискација на имот” која ги дефинира мерките за периодот 2021 до 2023 година и која ги надоградува активностите на претходната Стратегија. 

– Основна заложба на Стратегијата е да придонесе за зајакнување на капацитетите на националните институции и нивната координација во следењето на протокот на пари, вклучително и преку откривање на можно прикривање и пренесување на нелегално стекнат имот. Успешноста на овој процес ќе влијае врз зголемување на довербата на јавноста во државните институции, пренесувајќи ја пораката дека криминалот не е исплатлив и дека може да се сузбие со ефективна идентификација, финансиски истраги и конфискација на незаконски стекнат имот или имотна корист, нагласи Спасовски.

Министерот Спасовски го потенцираше и спроведувањето на ефикасни меѓуресорски координирани финансиски истраги со цел идентификување и следење на приноси, имот и имотна корист во земјава или во странство кои ќе се спроведуваат паралелно со криминалистичката истрага и ќе резултираат со определување привремени мерки за обезбедување и нивна подоцнежна конфискација.

Во делот од Министерскиот форум посветен на управувањето со миграциите, Спасовски го потенцираше превенирањето на западно-балканската и источно-медитеранската мигрантски рути. Истакна дека во поглед на спречувањето на илегалните минувања најголем проблем е тоа што и по откривањето и спречувањето на илегалните мигранти да остварат илегален влез во државата, тие непречено се задржуваат во непосредна близина на македонско – грчката граница и практично продолжуваат со обидите за илегален влез сè додека конечно не успеат во намерата или додека не изнајдат друг поефикасен начин за продолжување кон Западна Европа.  

Говорејќи за предизвиците во успешното справување со илегалната миграција, министерот Спасовски нотираше и некои конкретни предлози за поефикасно и поквалитетно мултилатерално превенирање на оваа проблематика. Ја потенцира важноста од потпишување на Статус Договорот со ЕУ со кој ќе се овозможи распоредување на сили на Европската крајбрежна стража – Фронтекс на македонско-грчка граница на наша територија.

– Во оваа насока, би сакал да побарам поддршка за што е можно побрзо финализирање на овој приоритет од причина што неговото формализирање го условува и продолжувањето на тековната меѓународна заедничка операција на јужната граница во која учествуваат осум европски држави, нагласи Спасовски.

Според него, последен, но не и помалку важен предлог за поефективно справување со ирегуларната миграција е изнаоѓање начин за поефикасно користење на податоците од европските бази на податоци на европските агенции.

– Свесни сме сите дека со оглед на тоа што не сме земја – членка на ЕУ, немаме директен пристап до овие бази. Во услови кога комуникацијата со земјите на потекло е многу слаба, ова е најефикасниот начин за идентификување на лица поврзани со криумчарење на мигранти, но и други кривични дела, истакна министерот Спасовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот