Совршено мезе за ладни денови – потребни ви се само три состојки

Прженици од компир-Фото:Printscreen/Youtube

Со наездата на рецепти на инстаграм „reels“, човек кој сака да готви неминовно ќе се инспирира. А слободните денови и продолжените викенди со дожд беа комплетно исполнети со храна, мезиња, готвење и откривање нови рецепти.

 

Периодов следам  една германска фуд-блогерка, која прави интересни и брзи рецепти, а последно што ми фати око беа прженици од компир. Во оригинал се викаат rosti или hash browns, популарни во Америка како дел од фастфуд културата. А кој не сака пржен компир? Знаев дека ќерка ми ќе биде воодушевена од ваква мала „частенка“ за вечера. И не погрешив 🙂

Чистејќи го фрижидерот во понеделникот, сфатив дека имам три компира што омекнале и веднаш се фатив да ги правам пржениците од компир.

Потребни состојки:

  • 3 компири со средна големина
  • 3 лажици лебни трошки
  • 3 лажици брашно
  • Сол, бибер, зачини по желба – јас ставив лук во прав. Дава поинаков шмек.

Подготовка:

Компирите изрендајте ги на крупната страна од рендето и исцедете ги во кујнска крпа, да бидат сосема суви. Ставете ги во длабок сад и додадете ги лебните трошки, брашното и зачините. Добро мешајте и потоа со рака замесете малку леплива смеса. Со намрсени раце со масло, формирајте плескавички и пржете ги во масло на среден оган. Немојте да ги пржите на силно, ќе ви изгорат, а внатре ќе ви останат живи. Не прашувајте како знам 🙂

Фото: приватна архива

Се служат со што сакате – павлака, мајонез, кечап… Се јадат брзо, а најубави се додека се топли.

Јас ги послужив со сос од павлака со копар.

Уживајте!

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот