Советниците на новото мнозинство се откажаа од европските пари за изградба на велосипедски патеки во Битола

Фото: Васка М. Младеновска

И покрај укажувањето на градоначалникот Тони Коњановски за потребата од донесување одлука за изменување на одлуката за давање согласност и кофинансирање на проектот „Смарт фор ју ту”, и усвојување на проектот за изградба на велосипедски патеки, како и последиците што можат да се случат доколку овие две точки не бидат ставени на Дневниот ред и усвоени на денешната седница на Советот на Битола, новото сега веќе и формално мнозинство во Советот што го сочинуваат СДСМ, „Поинаку” и Левица со 17 гласови воздржани не само што не дозволи расправа за двата проекти туку и не ги стави точките предложени од градоначалникот Коњановски ниту на Дневниот ред.

Залудни беа настојувањата на градоначалникот Коњановски да ги разубеди советниците дека Делегацијата на Европската унија во Македонија писмено го известила градоначалникот дека проектот потпишан од Делегацијата на ЕУ ќе биде суспендиран.

Уште кога се подготвуваше дневниот ред за оваа седница, до претседателката на Советот, поднесов иницијатива за поставување на две точки на дневен ред. Не знам од кои причини, но, точките не беа ставени на дневен ред. Денес, повторно поднесувам иницијатива за ставање на дневен ред на овие две точки, затоа што имаме уште појасна ситуација од минатата седница и последна можност да ги реализираме двата проекти: Реконструкција на поранешниот објект „Парк” и изградба на велосипедски патеки. Проекти кои се на некој начин поврзани и чија реализација мора да се одвива паралелно. До советниците доставена е целата документација која се однесува на велосипедските патеки, од проектната подготовка до последното писмо од Делегацијата на Европската унија, од каде посебно сакам да го потенцирам следното: „Во овој момент, сакаме да Ве информираме дека временскиот рок за плаќање е суспендиран, согласно член 15.5 (в) од општите услови на договорот, со цел да се добијат дополнителни информации поврзани со реализацијата на проектот.

Како резултат на доцнењата поврзани со активноста „Изградба на систем за велосипедски патеки”, прекуграничниот углед на проектот е сериозно нарушен. Оваа активност е една од најголемите активности во проектот (33% од вкупниот буџет) и треба да ја спроведе Општината. Доколку не се спроведе, постои голем ризик проектот да не ги постигне своите индикатори и најпосле планираното влијание. ЕУ Делегацијата (ЕУД) ја идентификува оваа ситуација како прекршување на суштинска обврска од овој договор за грант. Според тоа, ЕУД размислува за суспендирање на договорот, во согласност со чл. 11.6 (б) од општите услови” стои во писмото испратено од Делегацијата до мене како градоначалник-рече Коњановски на денешната седница на Советот на Општина Битола и притоа нагласи:

„Ова е последна шанса, пред домашните и меѓународните институции, како Општина да ја покажеме нашата сериозност, последна можност да извршиме измена на планот за јавни набавки, затоа што влегуваме и во предизборен период и согласно законската регулатива и Законот за спречување на корупција, нашите активности ќе бидат ограничени“додаде тој.

Во врска со укажувањето на претседателката на Советот, Габриела Илиевска дека против градоначалникот Коњановски од страна на ОЈО Битола се води предистражна постапка за проектот „Парк” за пренамената на средствата за изградба на велосипедски патеки, Коњановски од говорницата рече:

-Ве уверувам дека не постои никакво противзаконско дејство во спроведените постапки кои се однесуваат на проектот „Смарт фор ју ту”-рече градоначалникот Коњановски.

Тој укажа дека доколку не се изгласаат предложените точки од негова страна Битола како град ќе претрпи големи штети чии последици во моментот не можат да се предвидат.

Откако не беа прифатени предложените точки од градоначалникот Коњановски да се стават на Дневен ред, тој во статус на неговиот Фејсбук профил напиша:

„Новото мнозинство составено од СДСМ и „Поинаку” и покрај моите заложби за разумност, одлучи да биде против изградба на велосипедски патеки и реконструкција на ресторанот „Парк”. Нема да дозволам деструктивните политики и политички амбиции да и наштетат на Битола“напиша битолскиот градоначалник Тони Коњановски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот