Собранието расправа за законот за решавање на спорот на Владата со Макпетрол

За расправа по текстот на законот се пријавени 37 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, а претседателот на Собранието Талат Џафери најави дека денеска ќе се работи до исцрпувањето на листата на сите пријавени за говор.

Собранието со расправа за Предлог на закон за решавање на спорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Макпетрол АД Скопје по пат на спогодба, по скратена постапка,  ја продолжи денешната работата по дневниот ред на 20. седница.

Ова законско решение предвидува да му се признае на Макпетрол сопственост на 50 отсто од гасоводот во земјата и да му се исплати цена од 33 милиони евра.

Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ го оцени предложеното законско решение како еден од серијата закони што ја убиваат правдата и ги прекршуваат основните начела на правото.

-По овој закон во Собранието би следел закон за решавање на спорот меѓу Мицкоски и Заев. Не може да има закон за спор зашто тој се решава со медијација и во судовите. Не смее Собранието да прерасне во квази суд, рече Силјановска Давкова и додаде дека Собранието е надлежно само за ратификации на договори.

За неа е недозволиво повикувањето на акти од минатото од 1987 година кои можат да се искористат како искуство и посочи дека институциите не треба да се затскриваат зад законот, туку да го решат спорот на начин каде и како што треба.

-Очекувам претседателот да се одважи и да стави вето ако го изгласате овој закон, рече Силјановска Давкова.

За Здравко Трајанов од истата партија ова законско решение е школски пример како се прават пари ако се спогодиш со Владата.

-Собранието нема надлежност за оваа проблематика и јавниот обвинител ќе мора во иднина да го истражи овој предмет за кој се водат судски спорови за утврдување на процентот кој го поседуваат двете страни како и неговата вредност. Во катастар гасоводот не е заведен. Се прашуваме како ќе се направи трансфер меѓу Макпетрол и МЕР ако се изгласа овој закон, рече Трајанов.

Собранието, посочи, не решава спорови и овој предлог закон е залутан во законодавниот дом зашто нема ингеренции и не може да го завери договорот за купопродажба во вредност од 33 милиони евра за делот на Макпетрол кој е проценет на 18 милиони евра.

-Целиот гасовод е проценет на 65 милиони евра, но треба да се има предвид дека е стар 20-тина години, а неговиот животен век од 30-тина години. Затоа државата треба да преземе мерки за да се заштити и да се направи супер вештачење за правилната пазарна вредност на гасоводот, рече Трајанов.

Во реплика министерот за економија Крешник Бектеши посочи дека треба да се прави разлика помеѓу номиналната и актуелната вредност на секое АД и додаде дека во 2006 година кога била основано АД ГА-МА номиналната вредност била 1500 денари за акција, а сега во моментов е 12 500 денари.

-Само гасоводот Клековце-Штип долг 61 километар чини 71 милион евра. Со изградбата на гасоводот како држава ќе добиеме поевтин енергенс и ќе се намали загадувањето на животната средина, а индустријата ќе стане поконкурентна на глобално ниво, рече Бектеши.

Александар Велјановски од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека Владата од позиција на моќ сака да го вплетка Собранието во продажбата на гасоводот со која државата веднаш треба да исплати 33 милиони евра на Макпетрол.

-Законот се турка во скратена постапка, а треба да се исплатат многу пари во време на пандемија и голема економска криза. Собранието не е судски орган за да оцени дали се работи за праведна или неправедна спогодба, рече Велјановски и праша како да знаат пратениците дали е делот сразмерен или не на учеството во изградбата на гасоводот.

Во реплика Диме Велковски од СДСМ рече дека проценката за вредноста на гасоводот е направена по сите стандарди од една домашна и една странска институција и е на 300 страници и додаде дека покрај гасоводот во неа се ставени и други материјални добра и машини со што вкупната вредност е 33 милиони евра.

Во процедурално обраќање Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека пратениците од СДСМ треба да го спречат премиерот да го злоупотребува Собранието и им порача дека се подготвени цела вечер да расправаат, па ако треба и четири дена, и оти пратениците од власта за некое време ќе одговараат доколку го донесат ова, како што рече, криминално законско решение.

За расправа по текстот на законот се пријавени 37 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, а претседателот на Собранието Талат Џафери најави дека денеска ќе се работи до исцрпувањето на листата на сите пријавени за говор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот