Бојан Стојаноски ВМРО-ДПМНЕ Фото: Принтскрин

Собранието изгласа задолжување со 260 милиони евра, Стојаноски беше „во цивилизациски шок“ од критиките

Власта и опозицијата вадеа список кој колкав кредит земал. Според опозициските пратеници немаше транспарентност ни за кредитот од Унгарија, а не се знае за што ќе се потрошат и новите 260 милиони евра.

Со 65 гласа „за“ и 14 „против“ во Собранието се изгласа закон за задолжување кај осум странски банки со вкупно 260 милиони евра. Од собраниската говорница пратениците од актуелната власт и од опозицијата вадеа долги списоци кој кога и за што се задолжил. Според опозициските пратеници, не се знае за што ќе се потрошат и новите 260 милиони евра.

– Ова задолжување денес е почеток на една финансиска агонија за оваа држава, која ќе видиме како на крајот ќе заврши – истакна пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески.

Тој тврдеше дека од предвидените средства од унгарскиот кредит за општините се реализирани околу 20 проценти. Според него, не постоеше транспарентност и за делот од кредитната линија наменета за компаниите.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски одговори дека оваа Влада е многу транспарентна и дека за што троши може да се види на службената страница проекти.гов.мк. Стојаноски рече дека е „во цивилизациски шок“ кога слуша како опозицијата зборува за новото задолжување.

– Опозицијата прашува за што ќе се користат парите, ама заборава да каже дека 350 милиони евра треба да се исплатат за еврообврзницата од 2020 година. Тогаш зедоа 700 милиони евра, но каде ги потрошија? – праша Стојаноски.

Според законот за задолжувањето, тој се носи врз основа на Договор за заем за општи буџетски потреби, вклучително и за финансирање капитални расходи и рефинансирање обврски утврдени со буџетот.

Стојаноски посочи дека буџетските потреби се засноваат на зголемени плати и пензии, но и дека има значајни капитални инвестиции.

Љупчо Пренџов од ВМРО-ДПМНЕ праша зошто пратениците од СДСМ, ДУИ и од Левица не расправаа во Комисијата за финансирање и буџет како матична комисија за овој закон. Според него, дека политиките на оваа Влада се исправни се гледа и во тоа што „втора година по ред сме држава што прва си ги завршува реформите од сите пет земји во Западен Балкан“.

Заемот од 260 милиони евра ќе се повлече во една транша, во согласност со роковите и условите утврдени во Договорот за заем. Рокот за отплата на заемот е седум години, на девет еднакви полугодишни рати, со вклучен грејс-период од три години. Каматната стапка е варијабилна и се состои од шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за маргина што изнесува 2,1%.
Македонија ќе им плати на заемодавачите еднократна провизија во износ од 1,4% од износот на заемот. На агентот на заемодавачите, провизијата е по 12.500 евра годишно.

Битиќи ја нарече Димитриеска – Кочоска фејсбук-инфлуенсерка во обид

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот