Со неказнивоста ни до Македонија нема да стасаме

Соња Христовска Угриновска

Што сè не си рекоа првенците на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ за, демек, да се навредат меѓу себе, а тие да ти биле поблиски од сијамци кои молчешкум се разбираат кога се нивните задници во прашање

Во овие осум години по првата Заева „бомба“ што сè не си рекоа првенците на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ за, демек, да се навредат меѓу себе „лутите противници“ – аболицирани криминалци, рекетари, предавници, лажговци, измамници, насилници, губитници, леле, леле… А тие да ти биле поблиски од сијамци кои молчешкум се разбираат кога се нивните задници во прашање – без збор двојно си ги зголемија платите и без збор бесрамно си се ослободија од казните за крадење на народните пари.

Злото што, наводно, никогаш не требаше и немаше да се повтори, стана мегазло.

А граѓаните наместо Европејци станаа корисници – на гарантирани цени, на финансиски пакети, на социјална помош, на милостината што Владата им ја дава од нивните пари. Колку повеќе партиски и државни корисници, толку помалку граѓани. Колку помалку граѓани, толку помалку правна држава. И толку повеќе бугарски пасоши. Таман.

И, не само што не одговараа за криминалот и корупцијата во која сите нè удавија, не само што ја убија надежта за достоинство во прекрасната Македонија, туку осиромашените, посрамените и понижените граѓани сега ќе им плаќаат на криминалните функционери од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ на чело со ДУИ за тоа што воопшто биле обвинети дека се арамии. И, не оти не се навистина, туку затоа што се многу добри арамии. Законски покриени. Мафија. И бесрамно ќе си бараат милионска отштета од стопати ограбените граѓани, па наместо в затвор, ќе си лежат на слобода, каде и да посакаат. Сигурно нема да спијат на клупите во парковите или на трокатните кревети во ќумезот што го викаат затвор. Таквите лежаи се за народот, пардон, за корисниците.

Толку добро се организирани врхушките во криминалот и корупцијата што ќе го угаснат и Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција кое по измените на Кривичниот законик остана без работа. Како што го угаснаа Специјалното јавно обвинителство за кое претходно наводно се потепаа да го формираат, а практично излезе дека имале мастер план како сето тоа да пропадне по икс години, а тие сите до еден да се спасат.

Совршен план, кога ќе се погледне подобро. Се пукаа „бомби“, дојде до Пржино 1 и 2, се формираше СЈО, обвинители се загнаа да обвинат, суд осудуваше на затвори, Апелација враќаше назад на повторно судење, главната на СЈО ја фатија во рекет и ја пратија „да си лежи“, па ги спасуваа „бомбите“ и предметите на „Т“ со нов закон за ЈО и таман пред крај токму Владата на СДСМ ги спаси криминалците од ексвладата на ВМРО-ДПМНЕ, нешто во што со години бевме уверувани дека нема шанса да се случи. А во меѓувреме станавме Северна Македонија и членка на НАТО, со Бугари на пат кон Уставот и ние никогаш на прав пат кон ЕУ!

Такви бурлески не се можни во демократии, во правни држави, каде носители на суверенитетот се граѓаните. Тоа може само во квазидржави со партизирано судство, каде владее неказнивост.

Од неказнивоста си патиме.

Видоа дека овде владее менталитетот „ако си казнет, значи дека си глуп“, а не владее менталитетот кој казната ја разбира како цена и коректив на погрешното однесување и влог во подобра иднина за сите, па тоа стократно си го искористија и го претворија во милионски суми наши пари. Овде полицаец пишува казна, а началникот ја кине, наставничката пишува тројка, а мајката петка, лекарот ќе те умре, а колегите го бранат, насилник тепа, а маалото вика „браво“. На таква почва не никнува правна држава, никнува само неказнивост.

И таквите корисници напразно сонуваат да бидат граѓани во правна држава. За тоа прво треба да се разбудат од сонот и да делуваат на јавето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот