Со минимум буџет почна „Млад отворен театар“, кој покажува дека не е осамен
Независниот театар „Златен Елец“ со премиерна изведба на претставата „Хинкеман“ во режија на Тамара Стојаноска, на 15 ноември во МКЦ, го отвори 49-то издание на меѓународниот театарски фестивал „Млад отворен театар“ (МОТ), што ќе трае до 21 ноември.
Препорачано
Претставата „Хинкеман“ е работена според антивоената и експресионистичка драма („Der deutsche Hinkemann“, 1923) на Ернст Толер, која е своевидно истражување на бруталните сили што управуваат со нашиот свет – војните, социјалните неправди и немилосрдните системи на економска моќ што ја ловат работничката класа.
Текстот е како огледало на нашето општество изградено на суровост, пари и предрасуди, а оние што се различни на кој било начин, секогаш, во кој било историски контекст, се исмевани или отфрлени од толпата. Хинкеман нè охрабрува да го видиме светот низ очите на оние што се маргинализирани и дискриминирани и дава порака за разбирање, емпатија и заедништво.
– Во време кога светот се соочува со две војни, програмата на овој МОТ го изнесува својот активистички став со кој во фокус ги става темите кои го запалија светот, а во нашето општествено-политичко секојдневие не добиваат соодветно значење – вели Русе Арсов, координатор на програмата на МОТ.
Во програмата на МОТ од 15 до 21 ноември се поместени театарски претстави, работилница и мастерклас. Фестивалот го отворија минатогодишните добитници на наградата „Биш“, независниот театар „Златен Елец“. Антивоената тема која се провлекува во нивната претстава го најави и мотивот на годинашниот МОТ.

Осаменоста на човекот во таков пејзаж е доволно податлив, за со неа да се занимава и претставата „Без крв“, која е продукција на двегодишниот меѓународен проект „Манифест“ како копродукција на Драмски театар – Пловдив и Народниот театар „Јордан Хаџи-Константинов – Џинот“ од Велес. Воената тема пластично ќе ја доловат шест брилијантни актерки од Украина, кои ќе ги раскажат своите приказни распнати меѓу војната и нивните секојдневни животи и семејства. Перформансот „Танцот на смртта“ на „Ле Пре/Дак Театар“ е создаден кратко по почетокот на руската воена агресија и во моментов овој музичко-театарски проект ужива огромна популарност, а неговите членови се дел од музичкото фрик-кабаре „Ќерките на Дак“ од Киев.
– Додека светот гори во глобален контекст, на локално ниво ние водиме војна за МОТ. Се бориме и со минимум буџет покажуваме дека МОТ не е осамен, бидејќи солидарноста на глобалната МОТ-овска мрежа го овозможува и ова 49-то издание на фестивалот. Инстинктот за преживување е силен, еднаков како љубовта која ја шири овој млад „средовечен“ фестивал – истакнува Арсов во името на тимот на МКЦ.
Надвор од тематското боење на фестивалот, на МОТ ќе биде изведен „Скринејџери, втор дел“, рефлексивен мјузикл од Франција кој се обидува да одговори на прашањето каква трага остава дигиталниот хаос на нашата психа и фантазија, за да сме способни да го впиеме сето тоа „скролајќи“ надолу.

Најнаградуваната претстава во историјата на Новосадско народно позориште, „Ана Каренина“ во режија на Дејан Пројковски, која беше прогласувана за апсолутен победник на неколку регионални фестивали на програмата на МОТ е на 16 ноември, во 20.30 часот, на сцената во Албанскиот театар во Скопје.
Театарот „Промена“ од Србија доаѓа со монодрамата „Мајорот и Хелена“, која е авторски проект на Алекса Јовиќ и ја обработува приказната на транс-родовата жена и нејзината храброст во конзервативното општество. „Сé што е важно“ е интерактивна претстава на театарот „Арисандмарта“ од Грција, кој ќе ги донесе белешките за изведување на пријателство.
Како резултат на работилницата за интердисциплинарни пристапи во танцот, која ја водат Криста ДеНио (САД) и Искра Шукарова, на 20 ноември, во КСП „Јадро“ ќе биде изведен танц-перформансот „Движење однатре-нанадвор“.
Театарскиот режисер и драмски писател Јари Јутинен од Финска ќе биде домаќин на разговорен мастерклас за професионалци во театарот и студенти што ги истражуваат „зошто“, „кој“ и „како“ на меѓународната соработка.
Фестивалот МОТ е финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам, Град Скопје, како и Францускиот институт во Скопје.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 256, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 16-17.11.2024)


