Со манифестацијата „Роденденска недела“, Прилепскиот театар ќе одбележи 76 години од основањето
По повод 76 години од постоењето на Театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, од 16 до 21 февруари 2026 година во НУЦК „Марко Цепенков“, на „Сцена 105“, ќе се одржи манифестацијата „Роденденска недела“ со богата театарска програма.
Препорачано
На 16 февруари ќе биде изведена претставата „Синиот портокал“ во продукција на Театар Велес, на 17 февруари следува монодрамата „Фетишист“, по текст на Мишел Турние, во продукција на НУ Народен театар Битола, на 18 февруари публиката ќе ја проследи „Делириум тременс“ на Театарска работилница Прилеп, добитник на повеќе интернационални награди, а на 19 февруари ќе биде изведена „Црнила“ во продукција на Театар „Војдан Чернодрински“ во режија на Дејан Пројковски.
На 21 февруари Прилепскиот театар ќе гостува во Македонскиот народен театар во Скопје со претставата „Црнила“, силна психолошко-политичка драма што ја отвора темата за човековата совест, идеологијата и моралниот избор.
Манифестацијата почнува на 16 февруари, во 20 часот, со претставата „Синиот портокал“ во продукција на Театар Велес. Претставата е поставена по текст на Џо Пенхол во режија на Александар Ивановски. Сценографијата е на Филип Коруновски, костимографијата на Александар Ивановски, а автор на музиката е Сашко Костов. Во претставата играат Фаик Мефаилоски, Жарко Спасовски и Благојчо Стојанов. Претставата не се препорачува за лица под 14 години.

На 17 февруари, во 20 часот, ќе биде изведена монодрамата „Фетишист“ од Мишел Турние, во која адаптацијата, продукцијата, режијата и изведбата се на Здравко Стојмиров. Композитор на музиката е Пеце Брада Трајковски.
Монодрамата „Фетишист“ по Мишел Турние има за цел да ја претстави извртената реалност на еден живот што бивајќи свртен наопаку, поради тешките услови од војните од минатото, личните неуспешни борби, притисокот од општествените вредности и наметнатата реалност, ја прикажува единствената можност за постоење на еден човек, кој иако изгубен во реалноста, одлично живее во својот замислен свет и успева да најде задоволство во живеењето, каде самиот се обидува да ја создаде својата среќа и покрај сите непријатности кои го следат, стои во експликацијата на претставата.

Претставата „Делириум тременс“ во продукција на Театарска работилница Прилеп ќе биде изведена 18 февруари, во 20 часот. Претставата е наменета за сите генерации и во голема мера ги дефинира односите помеѓу уметниците и работниците, нивните влијанија, соработки и антагонизам, кој се развива од неразбирање на проблемите на другите и секако за љубовта и морално-етичките дилеми, кои кај секој од нас се појавуваат во состојба љубов, страст и страв.
Претставата е одиграна на сите театарски фестивали во Македонија и има освоено три интернационални награди, две на фестивалот „Алба моно“ во Корча, Албанија (за најдобра претстава во целина и за најдобра машка улога), и една на „Нишвил Џез и Театарски фестивал“ (за најдобро користење на музика во претставата) во Ниш, Србија.
На 19 февруари, во 20 часот, ќе биде изведена претставата „Црнила“ во продукција на театар „Војдан Чернодрински“ и во режија на Дејан Пројковски. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Марија Пупучевска, а музиката е на Горан Трајкоски. Драматург е Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, а дизајнот на плакатот е на Сергеј Светозарев.
Во претставата играат Сара Спиркоска, Бобан Алексоски, Катерија Чакмакоска-Клинческа, Александар Степанулески, Александар Тодески, Димитар Ѓорѓиевски, Михајло Миленкоски, Илија Волчески и децата Иво Ачански, Ангелина Тодеска, Давид Кочоски, Ива Малинческа.
„Црнила“ е психолошко-политичка драма, која ја разоткрива кревкоста на човековата етика во затворен систем на заговори и идеолошка дисциплина. Во фокусот е ерозијата на индивидуалната совест под притисок на колективниот мит. Наместо херојство, пред публиката се разоткрива човечката слабост, но и она што останува од човекот кога идеологијата ќе го проголта. Вистинските „црнила“ не се историски, туку антрополошки – тие се појавуваат таму каде што човекот ја губи способноста за сопствено мислење и морален избор.
На 21 февруари театарот „Војдан Чернодрински“ со „Црнила“ ќе гостува на сцената во Македонскиот народен театар во Скопје.


