Со ленти и столпчиња ЈП „Улици и патишта“ се обидува да спречи паркирање кај Порта Македонија, сега таму е уште поголем метеж

Фото: Слободен печат

Левата страна од уличката што води од Порта Македонија кон градскиот плоштад од вчера е заградена со ленти и заштитни столпчиња, а пред оградениот простор стои табла преку која се известува дека ова е „дело“ на ЈП „Улици и патишта“. Откако неодамна „Слободен печат“ објави дека овој простор е претворен во паркиралиште и дека под Портата неконтролирано си поминуваат автомобили како да станува збор за најфреквентна сообраќајница, а притоа никој од надлежните не реагира и не казнува, конечно потег направија од ова јавно претпријатие.

Токму поради тоа што никој не го спречува влезот на возила на овој простор, а дел од граѓаните си нашле „заборавено“ парче каде слободно можат да се паркираат, за само три години откако се реконструираше плочникот и за тоа се потроши значителна сума пари од градската каса, плочките се искршени, а просторот изгледа очајно.

Дали сега конечно ЈП „Улици и патишта“ ќе ги заменат уништените плочки? Од таму велат не, но, како што тврдат, се обидуваат да спречат да се паркираат автомобили.

 Плоштадот Македонија е сѐ уште под гаранција на фирмата изведувач на работите и согласно правилата тие ги санираат оштетените плочи на просторот кај Порта Македонија. Екипите на ЈП „Улици и патишта“- Скопје го обезбедуваат просторот со поставување на заштитни столбчиња, бариери и бетонски жардињери со цел да се спречи непрописно паркирање на возилата, што постојано се случува на оваа површина од страна на несовесни граѓани – објаснуваат од јавното претпријатие за „Слободен печат“.

Сега пак, по овој потег на „Улици и патишта“ кај Портата владее уште поголем хаос. Без автомобили е само оградениот простор по кој не можат да поминуваат ни пешаци, а на останатата лента од уличката незапирливо влегуваат возила, се паркираат, закрчуваат, создаваат метеж и се паркираат. Тоа значи дека Град Скопје и полицијата, мора да смислат друго решение за да запре несовесното однесување на дел од граѓаните.

Реконструкцијата на овој дел од плочникот се изведуваше заедно со реконструкцијата на просторот пред ГТЦ, во мандатот на поранешниот градоначалник Петре Шилегов, а заврши на почетокот на 2020 година. За овој проект беа потрошени околу 33 милиони денари, односно повеќе од половина милион евра од градскиот буџет. Инвеститор беше Град Скопје, а градежните работи ги изведуваше фирмата „Битем“, која сега, како што тврдат од „Улици и патишта“ треба да се покрижи за оштетувањата на плочникот.

Со реконструкцијата наместо стариот, искривен и полн со дупки асфалт, целиот потег, на двата приоди кон плоштадот, беше поплочен со три вида плочки, на површина од околу 5000 метри квадратни. Беа засадени и дрвореди од костени, поставени клупи и соодветно осветлување.

Ниту некој се грижи, ниту казнува: Возилата ги искршија плочките кај Порта Македонија, просторот претворен во паркинг

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот