Со кражбите на капаци од шахти, вандалите прават дополнителна штета

Шахти, Фото: Архива

Кражбите на капаците од шахтите не престануваат и покрај многубројните апели на надлежните, дека со тоа се изложуваат граѓаните на опасност од повреди, особено во доцните вечерни часови кога видливоста е значително намалена.

Кражбата на капаците на шахтите и на решетките на сливниците продолжува и понатаму и покрај фактот што поради ваквата појава постојано се изложени на ризик пешаците, велосипедистите, но и возачите на автомобили. Поради ваквото несовесно однесување на одредени поединци, граѓаните честопати „заработуваат“ тешки телесни повреди, но и не е мал бројот ниту на оние што претрпеле материјална штета оштетувајќи си го велосипедот, електричниот тротинет или, пак, возилото што „налетало“ на дупка поради тоа што капакот или решетката биле украдени.

За жал, ваквата појава трае со години, па и со децении наназад. За нејзино намалување не помагаат ниту многубројните апели од надлежните, да не се крадат капаците од шахтите ниту решетките од сливниците и на тој начин да го изложуваат населението во опасност, особено во доцните вечерни часови кога видливоста е значително намалена. Според податоците добиени од ЈП „Водовод и канализација“ во последната евидентирана кражба што ја констатирале на нивните екипи што постојано се на терен и се обидуваат да ја санираат направената штета, крадците не само што ги украле капаците, тие ја опожариле и атмосферската линија поради што била предизвикана дополнителна материјална штета.

-Последната кражба на капаци се случи на 8.7.2022 година, што всушност претставуваше вандалски чин бидејќи освен кражбата беа опожарени шахти и атмосферска линија на улицата „Александар Урдаревски“ во општина Бутел. Еден од начините за превенирање на кражбите на капаците на шахтите е реализацијата на проектот за поставување механизми за нивно заклучување, за чија набавка се потрошени приближно 4.400.000 денари. Со поставување на овие механизми се постигнува поголема сигурност, се спречуваат кражбите на капаците на шахтите и решетките на сливниците, а со тоа се намалуваат и штетите и финансиските последици со кои се соочува претпријатието како резултат на тој тип неодговорно однесување на поединци или групи – децидни се од ЈП „Водовод и канализација“.

Кога станува збор за спроведувањето на овој проект со кој капаците на шахтите и решетките на сливниците ќе се заклучуваат, предвидено е првично да опфати 1.600 капаци на шахти и решетки на сливници.

При промовирањето на овој проект, од ЈП „Водовод и канализација“ објаснија дека доколку на терен по воведувањето на овој проект се намали кражбата на капаците и на решетките, ќе се набават дополнителен број системи за заклучување.

-Доколку овој пилот-проект се покаже како функционално решение на долгогодишниот проблем со кражбите, ЈП „Водовод и канализација“ ќе пристапи кон набавка на поголем број вакви системи и нивна инсталација. Кражбите на капаците на шахтите и решетките на сливници се појава со која ЈП „Водовод и канализација“ се соочува во одредени периоди, а штетите што се нанесуваат не се проблем само на претпријатието, туку и на сите граѓани на Скопје – истакнаа тогаш од јавното претпријатие од каде што исто така потенцираа и дека реализацијата на овој проект е само една од активностите што јавното претпријатие ги презема за превенција на кражбите на капаците на шахтите и решетките на сливниците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот