Со фестивалот „Литера“ книгите, приказните и уметноста ги носат децата на магични патувања

Тимот што го подготвува фестивалот „Литера“

Шестото издание на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација „Литера 2024“ под мотото „Летаме заедно“ од 15 до 18 мај се одржува во Младинскиот културен центар во Скопје.

Повеќе од 150 илустрации на илустраторите од Турција – Гизем Ѓозде Учар и Серхат Албамја, како и на македонската илустраторка Наташа Андонова од 15 до 18 мај се изложени во Галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје во рамките на шестото издание на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација „Литера 2024“. Во склоп на фестивалот е отворен и Саем на литература за деца, за првпат во рамките на „Литера“.

Во фестивалската програма има трибина, промоции, работилници и средби со автори, а на 18 мај ќе бидат доделени и наградите за најуспешните илустрации на книги за деца. Новата приказна на „Литера“ се одвива под мотото „Летаме заедно“. Годинава земја во фокус е Турција, а по тој повод на отворањето на фестивалот се обрати амбасадорот на Турција, Н.Е. Фатих Улусој.

– Литературата и илустрацијата имаат специјално место во срцата на децата. Низ книги, приказни и уметност, тие нè носат на магични патувања, истражувајќи нови светови со различни карактери и учејќи вредни лекции попат. Јас сум татко на две деца и од сопствено искуство знам дека детската литература и илустрациите имаат неверојатна моќ да ги просветлат младите умови и да ја прегрнат инклузивноста, поставувајќи основа за општество со поголемо разбирање. Преку иницијативи, како фестивалот „Литера“, ги зајакнуваме културните врски и градиме мостови на пријателство меѓу нашите нации – рече амбасадорот Фатих Улусој.

Меѓу гостите на отворањето беа амбасадорот Фатих Улусој и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска

На отворањето на „Литера“ присуствуваше министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, уметници од Турција, како и многубројни љубопитни дечиња со своите родители.

– Светот им припаѓа на децата. „Литера“ е заедничко волшебно патување во кое се впуштивме без да предвидиме со што ќе се соочиме. Во „Литера“ е вложен огромен труд, многу непроспиени ноќи, извозени километри и многу, многу ум. Визијата на „Литера“ е многу амбициозна и вашата поддршка ни е вистински ветар во грб. Со тимот си ветивме дека ќе бидеме борци и истрајни во намерата, зашто важноста на литературата и илустрацијата има клучно значење за растот и развојот на новите генерации. Публиката за култура се создава од мали нозе. Здраво општество и културни вредности се градат со работа уште на најмала возраст. Многу макотрпно и посветено го одиме патот на „Литера“, зашто е важно каков свет им оставаме на нашите деца. Важно е да им изградиме свет со љубов. Сите деца се вредни, да ги почитуваме различностите и да веруваме дека градиме културно и инклузивно општество за сите – истакна Софија Семенпеева-Трајановска, идеен творец на фестивалот.

На отворањето на фестивалот публиката имаше можност да се запознае одблиску со четворица автори гости на фестивалот. За Гизем Ѓозде Учар, „врската и соработката меѓу земјите е важна. Сите приказни се поврзани преку луѓето, кои имаат иста основа, исто јадро. Нивното споделување е многу важно за сите нас“.

Писателката Зејнеп Севде сподели како физиката, што била нејзина прва определба во животот, ја споила со книжевноста. Мурат Калкаван е турски уметник кој веќе една година живее во Скопје. Тој рече дека сѐ уште се чувствува како турист и дека градот сè уште го изненадува.

Авторка на фестивалскиот постер годинава е Наташа Андонова, илустраторката што лани ја доби наградата за најдобар илустратор за 2023 година. Таа ја истакна димензијата на „Литера“, која овозможува да ги видиме доајените илустратори одблиску, но и да се запознаеме со автори од други земји.

– Сакам да упатам голема благодарност до „Литера“ за минатогодишната награда поради која сум тука. „Литера“ ми овозможува да ја почувствувам и работата на другите наши автори. Среќна сум што моите издавачи „Темплум“ и „Гаврош“ имаа верба во мене за да можам да го постигнам ова – рече Андонова.

Партнер на фестивалот е долгогодишниот пријател на „Литера“, Халкбанк АД Скопје, за реализација на истиот помогнаа и „Turkish Airlines“ и „Рамсторе Македонија“, долгогодишните соработници „Органик Нар“ и печатница „Софија Богданци“. Покровител на фестивалот е македонското Министерство за култура.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 231, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19.5.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот