Со европски пари до европски реформи во Македонија

Eвропска комисија

Доколку реформите се спроведат според планот, очекувањата на Брисел се дека за десет години земјите од Западен Балкан би го удвоиле својот БДП, а стапката на раст би била над седум отсто.

Реформи па пари, нема реформи нема пари е ставот на Европската комисија за Планот за раст на Западен Балкан од кој не отстапува и потсетува дека реформите се неизбежни. Планот за приближување и интеграција на земјите од Западен Балкан во европскиот пазар предвидува 6 милијарди евра во периодот од 2024 до 2027 година, од кои четири милијарди се заеми со ниска каматна стапка и грејс-период од 8 до 10 години, а останатите две милијарди евра се грантови.

Колку од овие 6 милијарди ќе добие секоја од земјите од Западен Балкан, ќе зависи од бројот на жители и од годишниот бруто-домашен производ (БДП) и тоа во сооднос 60 проценти од парите ќе бидат според бројот на жители, а 40 проценти според годишниот БДП. Според процените на Европската комисија врз основа на овие индикатори, Македонија би добила близу една милијарда евра.

Иако со овие средства приоритетот на Европската Унија е да го отвори европскиот заеднички пазар за земјите од Западен Балкан, парите нема да се даваат безусловно. Сите земји, вклучително и Македонија, ќе мора да ги реализираат основите реформи и да ги приближат своите законодавства до европското. Во случајот со Македонија очекувањата се дека поради изборите и промената на власта процесот можеби ќе се забави, но оценките се дека земјата добро напредува. Сепак, за да се добиваат пари земјата прво ќе мора да ја усвои реформската агенда што ќе мора да се спроведе од крајот на оваа до 2028 година.

Доколку реформите се спроведат според планот, очекувањата на Брисел се дека за десет години земјите од Западен Балкан би го удвоиле својот БДП, а стапката на раст би била над 7 отсто.

Она што се очекува од македонските власти е реформи во владеењето на правото, реформа на јавната администрација, подобрување на бизнис климата, инвестиции во дигитализација, подобрување на образовниот процес, реструктурирање на поштата, подобра финансиска контрола… Тука е вклучена и сајбербезбедноста, како и државната помош, со потсетување дека субвенциите не се во согласност со законодавството на Унијата.

Првиот од четирите столба на кои се базира Планот за раст на Западен Балкан е јакнење на економската интеграција со единствениот пазар на ЕУ и во неговиот фокус се седум приоритетни области: слободно движење на стока, услуги и работници, пристап до единствената европска платежна област (СЕПА), олеснување на патниот превоз, интеграција и декарбонизација на енергетските пазари, единствен дигитален пазар и интеграција во индустриските синџири на снабдување.

Вториот столб е јакнење на економската интеграција во рамките на Западен Балкан преку заеднички регионален пазар, заснован на правилата и стандардите на ЕУ, што потенцијално би можело да додаде 10 отсто на економиите во тие земји.

Третиот столб се однесува на забрзување на темелните реформи, поддржувајќи го патот на Западен Балкан кон членство во ЕУ, унапредувајќи одржлив економски раст преку привлекување странски инвестиции и јакнење на регионалната стабилност.

Четвртиот столб предвидува зголемување на финансиската помош за поддршка на реформи која ќе биде исплатена ако земјите од Западен Балкан спроведат одредени социоекономски и темелни реформи.

Инаку, еден од предусловите за побрза економска интеграција на шесте држави во регионот е нивно првично здружување во регионален пазар, како прв чекор кон заедничко пристапување кон заедничкиот европски пазар.
Дека сѐ ќе зависи од реформите потврди и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен уште лани кога порача дека „реформите се услов. Ако се спроведат реформите, тогаш доаѓаат и средствата“.

– Јасно ни е дека за реформите е потребно време, но ако ништо не се направи, ако не се спроведат реформи, средствата ќе се префрлат во другите земји од Западен Балкан што постигнуваат резултати – изјави тогаш Фон дер Лајен.

Со планот се предвидува исплатата на парите кои ќе одат во буџетот да се врши двапати годишно, по барањата поднесени од партнерите од Западен Балкан и по верификација од Европската комисија на исполнување на условите како што е макрофинансиската стабилност, менаџирањето на јавните финансии, транспарентност и надзор на буџетот.

Вицепремиерот Бојан Маричиќ, по неодамнешниот министерски состанок за Планот за раст, изјави дека „нема време за губење во успешното спроведување на договорените обврски на секоја од земјите опфатени со Планот“. На состанокот, како што кажа, биле презентирани приоритетите од Реформската агенда утврдени како наша обврска во Планот и веќе биле договорени и усогласени нашите обврски за пристап до единствената област за плаќање во евра, за Зелените ленти за унапредување на олеснувањето на трговијата и транспортот, за слободните вај-фај зони на јавните простори во 500 општини во регионот и за развој на дигиталните иновативни центри.

Исто така, утврдени се и следните чекори – работа на проектите за Академија за единствен пазар, прифаќање на Дигиталниот паричник, како и работа на придружувањето на земјите од Западен Балкан кон Алијансата на ЕУ за критични лекови и медицинска опрема за зајакнување на националните здравствени капацитети.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот