Снежната бура однесе четири животи во Австрија: загинаа тројца скијачи, ратрак згмечил човек
Силната снежна бура што ја погоди Австрија денеска однесе четири животи и предизвика прекини во струјата и хаос во сообраќајот, соопштија властите, според „Франс прес“.
Препорачано
Еден 53-годишен маж загинал откако бил згмечен од ратрак за расчистување снег, кој паднал по скали во станбен комплекс во северниот град Линц, соопшти полицијата.
Тројца скијачи загинале во лавини во регионот Тирол, меѓу кои и еден Германец, чијшто 16-годишен син бил тешко повреден во одронот на снег во Наудерс. Двајца загинале во лавина, блиску до скијачкиот центар Санкт Антон, соопштија надлежните.
Властите во Тирол апелираа скијачите да се воздржат од активности надвор од обележаните патеки. Со најновите жртви, бројот на загинати во лавини во Австрија оваа зимска сезона се искачи на 18.
Во изминатите денови во земјата наврнаа и до 40 сантиметри снег, што доведе до издавање предупредувања за југоисточна Австрија, особено во регионот околу градот Грац.
Аеродромот во Виена соопшти дека бил принуден привремено да ги прекине сите летови во утринските часови, додека попладневните летови биле „попречени“.
Австрија: Хаос на аеродромот во Виена поради обилни снежни врнежи
Еден од главните обиколни автопати околу Виена бил затворен неколку часа, а други делници од автопатиштата биле блокирани од снежни наноси, заглавени камиони и со слаба видливост, соопшти националното автомобилско здружение ОАМТЦ.
Електродистрибутивните компании пријавија прекини во струја во повеќе региони на југот и на истокот на земјата, вклучително и во Штајерска, каде околу 30.000 домаќинства останале без електрична енергија.
Во соседна Словенија, според локалните медиуми, без струја останале околу 40.000 домаќинства, а биле пријавени и сериозни нарушувања на инфраструктурата во североисточниот дел од земјата.


