Словенците му забраниле на израелски авион да слета во Љубљана
Лет на израелската авиокомпанија „Исраир“, кој требало да слета во Љубљана, не добил дозвола за слетување и бил пренасочен кон Загреб, пренесе „Тајмс оф Израел“.
Препорачано
Одлуката, наводно, ја донеле словенечките власти, а од компанијата тврдат дека била политички мотивирана.
Извршниот директор на „Исраир“, Ури Сиркис, изјавил дека со овој инцидент биле прекршени воздухопловните договори и законите на Европската Унија.
Според Сиркис, израелските надлежни институции, вклучително и Министерството за надворешни работи и Управата за цивилно воздухопловство, биле вклучени во обидите да се најде решение летот да продолжи според планот, но тие напори не вродиле со успех.
Израел не објавил за каков лет станувало збор, ниту, пак, кои биле патниците и колкумина имало во авионот.
„Исраир“ во меѓународниот сообраќај извршува само чартер-летови.
Јанез Јанша неодамна повторно стана премиер на Словенија, а е познат по своите силни произраелски ставови, што претставува значителен политички пресврт по периодот на затегнати односи меѓу Словенија и Израел. Тој повторно бил избран на 22 мај.
Под водство на неговиот претходник, Роберт Голоб, Словенија стана една од европските земји со најизразени критики кон политиката на Израел, заедно со Ирска и Шпанија, наведува весникот.
Во мај 2024 година, Словенија ја призна Палестина како држава, а во јули 2025 година воведе санкции против израелските министри Итамар Бен-Гвир и Безалел Смотрич.
„Кон секоја нова влада пристапувам со внимателна надеж и демократска почит“, изјавил Роберт Валтл, директор на Еврејскиот културен центар во Љубљана и еден од лидерите на малата еврејска заедница во Словенија, за „Џерусалем пост“ по изборната победа на Јанша.


