СЛОБОДЕН ПЕЧАТ влезе во дворот на „Усје“: Што точно гори цементарницата во печките?

Фото: Арбнора Мемети

Скопјани ја гледаат цементарницата „Усје“ во Кисела Вода како еден од дежурните виновници за загадувањето на градот, а таа често се спомнува и во новинарските извештаи и извештаите на одредени невладини организации кога се пишува за загадувањето во главниот град. Граѓаните на социјалните мрежи често споделуваат фотографии од чадот кој се шири од фабриката, а се споделуваат фотографии и од ѓубре од дворот во цементарницата, кое наводно се гори во печките во фабриката.

„Слободен печат“ одлучи да отиде во цементарницата и да побара одговори на прашањата од граѓаните, што точно се гори во оваа фабрика и дали отпадот што се гори го загадува воздухот. Одговорниот за животна средина и алтернативни горива во фабриката, Наташа Бакреска, нè прими во својата канцеларија и во обемна презентација ни го објасни целосното производство на цемент и што значи всушност горивото добиено од отпад што го користи „Усје“.

Фото: Арбнора Мемети

ПРОИЗВЕДУВАМЕ ЦЕМЕНТ, ЗАГАДУВАМЕ, НО ПОД ЗАКОНСКИОТ МИНИМУМ

Од компанијата не го оспоруваат фактот дека нивното работење произведува емисии во воздухот, но велат дека тие се на многу пониско ниво од пропишаните законски граници.

– Ние произведуваме цемент, тоа е индустрија во која има многу прашина. Законот вели дека нивото на прашина не смее да надмине 50 мг на метар кубен. Oд Министерството за животна средина побараа да не надмине 30 мг на метар кубен но кај нас, според сите мерења, никогаш не надминала 15 мг на метар кубен – ни објаснува Бакреска.

Таа вели дека во кругот на фабриката има уред за мерење на ПМ10 честичките во воздухот, поставен по барање на Министерството, но уредот никогаш не утврдил поголемо ниво на ПМ10 честички од дозволеното.

Бакреска ни се пофали со филтрите што ги користи цементарницата и вели дека баш поради таквиот систем кој веќе со години го користат, емисиите кои ги продуцира фабриката се на минимално ниво.

Промена на вреќични филтри Фото: Арбнора Мемети

ШТО СЕ ПАЛИ ВО ПЕЧКИТЕ ВО „УСЈЕ“

Управата на „Усје“ ни дозволи да ги видиме материјалите што тие ги горат во печките на фабриката.  Според нив, сè што користат во производството е набавено на легален начин со дозвола од сите надлежни органи во државата.

Најголема заинтересираност во јавноста предизвика „ѓубрето“ што се гори во цементарницата. Во регулативата тоа ѓубре се нарекува „алтернативно гориво“, но под овој поим се подразбираат најразлични материјали.

Примероци од алтернативно гориво Фото: Арбнора Мемети

Алтернативно гориво претставуваат и семките од сончоглед, ориз или некое друго растеније. Сега засега, како алтернативно гориво во „Усје“ се користат лушпи од ориз и тврдо гориво од отпад.

– Купивме специјални камиони со подвижно дно кои ги собираат лушпите од ориз што остануваат по нивите во Кочанско Поле после жетвата. Досега тие лушпи се палеа и гореа на отворено, а сега ние ги користеме како алтернативно гориво во производствениот процес – вели Бакреска.

Но сепак во јавноста најмногу бура предизвика „ѓубрето“ увезено од Италија што се пали во печките на „Усје“.

Бали гориво од отпад Фото: Арбнора Мемети

Имавме можност да ги видиме големите бали „алтернативно гориво“ складирани во задниот дел од фабриката веднаш до пругата која минува во кругот на цементарницата. Бакреска во ова гледа решение за депониите во Македонија, ние видовме најразлично ситно исецкано ѓубре кое не може да се рециклира, замотано во бела пластична фолија.

Шефицата на секторот за животна средина во „Усје“ не негира дека тоа е отпад, но вели дека кога ваквиот отпад се пали во 60-метарските печки на 2000 степени Целзиусови, всушност емитува помалку емисии во воздухот отколку што би емитувал мазутот или друг вид на фосилно гориво.

– Ние го увезуваме од Италија, имаме дозвола за тоа од Министерството за животна средина и можеме да користиме до 15 илјади тони, што претставува 10 отсто од нашето гориво, но ние немаме капацитет за да искористиме толку многу. Останатата потреба од гориво ја покриваме со најразлични видови на јаглен – ни објаснува Бакреска.

Бакреска додава дека процесот за производство не создава никаков отпад, бидејќи сè она што останува од горењето на јагленот или алтернативното гориво завршува во финалниот производ.

Гориво од отпад Фото: Арбнора Мемети

За ваков тип отпад да се пренамени во гориво треба да постои првична селекција на комуналниот отпад. Сè она што не може да се рециклира, како на пример тетрапак, пластика која веќе не може да се рециклира, паломи, текстилен отпад и слично, се дели од органскиот и од оној отпад што може да се рециклира, се сецка на ситни парчиња и се суши.

Во 2004 и 2006 година фабриката со одобрение од Министерството за животна средина направиле тестови за користење на сецкани гуми како алтернативно гориво. Од управата на „Усје“ велат дека тестовите покажале дека нема зголемување на емисиите во воздух но, поради негативните реакции во јавноста и малиот број на гуми во Македонија, опремата ја демонтирале во 2006 година. Од 3 илјади тони гуми кои ги набавиле за овие тестирања, илјада тони гуми сè уште стојат во дворот на фабриката.

СЕКОЕ ГОРИВО ЗАГАДУВА, ПРАШАЊЕТО Е КОЛКУ ЗАГАДУВА

Професорот Даме Димитровски вели дека вообичаено овој тип на гориво, познато под скратеницата РДФ е дозволено во погони каде што има висока температура.

– Секаде каде што има висока температура и долготрајно согорување, дозволено е да се користи такво гориво затоа што долготрајното високо согорување ќе ги согори сите штетни материи – објаснува Димитровски.

Во Македонија сличен ваков процес се користи и во кавадаречката „Фени“ и во инсинератори на депонии.

– Високите температури не ги намалуваат емисиите, само сите штетни емисии преминуваат во крајни продукти на согорување што се помалку штетни, но сепак сите процеси на согорување создаваат штетни емисии – вели професорот.

Тој додава дека ова гориво е добиено од остатоци од ѓубре и тоа одредени видови на ѓубре кои се високоенергетски, се подготвува за да може побрзо да согори и во горилникот оди на висока температура за да се задржи подолго со што би се искористила енергијата.

Италијанска декларација на увезеното гориво од отпад Фото: Арбнора Мемети

ВО ЕВРОПА ОВА Е ВОСПОСТАВЕНА ПРАКТИКА

Димитровски се согласува дека ова е воспоставена европска постапка и цементарниците низ светот воглавно користат вакви горива.

Користењето на РДФ во цементната индустрија е стандардна практика од 1993 година во Европската Унија. Австрија, Белгија, Данска, Италија и Хоаландија се дел од пионерите кои започнале да го користат овој тип на гориво во цементната индустрија. Според Европската комисија, цементната индустрија користи внимателно одбран отпад од останатите индустрии како секундарни материјали или алтернативни горива.

– Ова помага во намалување на влијанието на околината од другите индустрии – стои на веб-страницата на ЕК.

НЕМА КОНТРОЛА НА ОТПАДОТ ШТО СЕ УВЕЗУВА КАКО АЛТЕРНАТИВНО ГОРИВО

Татјана Чакулев од „02 Иницијатива“ вели дека под итно треба да се ревидира употребата на алтернативни горива во Македонија.

– „Усје“ користи како фосилни горива јаглен, петрол кокс, мазут, но и алтернативни горива, што значи дека може да користи отпад од разни индустрии, како текстилната индустрија, искористени возила, различен отпад, запалив отпад, пластика, пакувања, дрвен отпад, отпад од преработка на дрво и производство на панели и мебел, отпад од преработка и производство на хартија, пулпа, итн. За секоја од седумте категории на алтернативен отпад, дозволени се до 30 или 35 илјади тони годишно, околу 235 илјади тони различен отпад годишно – вели Чакулев.

Таа додава дека не се знае кој го контролира тој отпад на граница и не се знае што сè содржи тој отпад.

Фото: Арбнора Мемети

Од „02 Иницијатива“ велат дека мерењата на квалитетот на воздухот што ги прави компанијата не се доволни.

– Цементарница „Усје“ има поставен автоматски систем за мониторинг на емисиите во воздухот кој треба да мери на 11 оџаци континуирано. „Усје“ во своите извештаи испраќа среднодневни вредности за само две ротирачки печки, но не и за другите 9 места каде што се мери, како ладилниците за клинкер на печките 3 и 4, мелниците за цемент 3, 4, 5, 6, сушарница за цврсто гориво, мелница за цврсто гориво, вертикална мелница за цврсто гориво. На дополнителни два оџака на парните котли само двапати годишно се вршат мерења – објаснува Чакулев.

Таа додава дека доколку навистина од „Усје“ се обидуваат да бидат транспарентни, треба да ги емитуваат резултатите од мерењата во живо на интернет 24/7, и јасно ограничување што може да се користи како алтернативно гориво.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот