„Слимлајн“ купувале кинески готови апчиња и само им давале свое име

Апчињата за слабеење „слимлајн адванс“

Апчињата за слабеење „слимлајн адванс“, кои се предмет на судска постапка затоа што му покажале позитивен допинг тест на ракометарот Горан Кузмановски и му ја запечатиле кариерата, биле нарачани од кинеска фирма и само именувани со тоа име во земјава. Воопшто не станува збор за формулација на „слимлајн“ и рецептурата воопшто не била подготвена од страна на фирмата во Скопје, тврди за „Слободен печат“ сопственичката на фирмата, Марија Костовска.

– Ги нарачавме од фирма во Кина, ги брендиравме SLC, воопшто не станува збор за формулација на слимлајн. Ние сме само увозник на готови апчиња, а формулацијата е на кинеската биотехнолошката компанија, децидна е Костовска и додава дека во државава поднела документи до АХВ и сертификат за составот по што добила одобрение од АХВ во 2015 година.

Во 2018 година Агенцијата за храна покрена спор пред надлежниот суд против фирмата Слимлајн затоа што во една серија од овие апчиња била пронајдена состојката сибутрамин, забранет супресант на глад кој не смее да се увезува во Македонија ни во лекови, а камоли во додатоци за исхрана.

Славниот сибутрамин е ефикасен согорувач на маснотии и го елиминира чувството на глад, но по висока цена. Самоубиства, акутни кардиоваскуларни патологии со фатален исход, зависност, срцеви проблеми се само дел од низата причини поради кои тој е забранет.  Во некои држави може да се добие исклучиво на рецепта и тоа за лица со индекс на телесна тежина над 30, односно за обезни пациенти. Проблемот настанал, кога ракометарот Горан Кузмановски ги купил апчињата „слимлајн адванс“ од аптека, но без да знае или без воопшто да може да знае дека внатре го има сибутраминот. На кутијата пишувало дека желатинските капсули ги елиминираат токсините, ја подобруваат функцијата на цревата, го олеснуваат варењето и таргетирано се слабее на половината и стомакот.

Во листата на активни состојки наведени на кутијата имало само горчлив портокал, алое, пектин од цитрон, сарса парила, ангелика, култура на микроорганизми, односно само природни состојки, а не и сибутрамин. Проблемот настанал откако направил тест за допинг кој бил позитивен, а единствениот нов препарат кој го имал внесено во исхраната биле „слимлајн адванс“ апчињата. Веднаш купил нова кутија од аптека, па ја испратил на хемискиот факултет во Белград на испитување во лабораторија. Резултатот кој се вратил покажал присуство на сибутрамин во конкретната кутија.

– Не би смеело да ја има оваа состојка ни во лек, а камоли во суплемент, зашто во земјава е забранета и не може да се најде ни на црно. Во лабораторија во Белград го дадов суплементот на испитување кога паднав на допинг тестот. Агенцијата за антидопинг на Македонија и ВАДА ме казнија и за да се обидам да ја намалам штетата, односно да докажам дека не сум конзумирал ништо, ги испратив апчињата на хемискиот факултет во Белград и таму се откри дека супстанцата е присутна, вели за Слободен печат Кузмановски.

Сопственичката на „Слимлајн“ пак, Марија Костовска, вели дека оваа лабораторија во Белград не е акредитирана и дека тоа вештачење не е валидно, а Кузмановски го тврди спротивното и го поткрепи со документи во нашата редакција. Според сопственичката на Слимлајн, валидно е вештачењето што нејзината фирма го направила во Софија, а во чии резултати сибутрамин немало. Сепак, таа признава дека откако допинг тестот на ракометарот се покажал како позитивен, престанала да ги купува и увезува апчињата во државава, а сега фирмата Слимлајн продава само чај, кафе и таблети со малина, за кои Костовска тврди дека се од друг производител. Сепак, според неа, прометот на фирмата опаднал значително откако судскиот спор стана медиумски актуелен.

– Имам докази од европска сертифицирана лабораторија во Софија дека состојката во таа серија ја нема. Направивме анализа на три примероци. Сепак, ракометарот бара 23 милиони денари од нас иако нема сибутрамин внатре. Причинета ни е огромна штета. Секој производ што сега го продаваме е одобрен од Агенцијата за храна, но сепак прометот ни е многу опаднат, ни изјави Костовска.

Слободен печат ја пронајде фирмата што ја произвела спорната серија апчиња. Станува збор за фирмата Кунминг Лингкао Биотехнолоџи Ко. Лтд од Кина. На интернет пишува дека можат да произведат висококвалитетни хербални и ајруведа производи, препарати против опаѓање на косата, препарати за слабеење и подобрување на машката сексуалност. Фирмата е основана во 2004 година, има 7 ленти за производство, а извоз според нивниот профил имаат во Австралија, Канада, Германија, Холандија и Велика Британија како и во источна Европа.

Слободен печат откри дека на интернет постои цела база налик на Али Експрес за капсули и суплементи во исхраната, препарати за слабеење и други апчиња, кои од Кина може да се нарачаат во целиот свет со достава, во огромни количини за багателни цени од 0.02 долари по парче, а за кои производителите односно кинеските фирми тврдат дека се природни и дека помагаат во одржувањето на линијата. Дилемата е што има во овие апчиња и дали може да им се верува на производителите дека ставаат само природни состојки во нив. Во меѓувреме, Слимлајн препаратите се рекламирани на Фејсбук, на Инстаграм и на приватни профили на дистрибутери и продолжуваат да им бидат нудени на македонските граѓани преку препораки од инфлуенсерки.

Агенцијата за храна испратила примерок од таблетите Слимлајн Адванс во Институтот за јавно здравје и присуството на сибутрамин во таблетите било потврдено во 2019 година. Но, сопственичката на Слимлајн вели дека лабораторијата во ИЈЗ не е сертифицирана и дека овие резултати не смеат да бидат земени предвид. Директорот на ИЈЗ професор доктор Шабан Мемети пак, за Слободен печат вели дека ИЈЗ не работи ако нема акредитирани методи и дека во 2019 година присуството на оваа супстанца била потврдено и дека ИЈЗ има свој вештак во судската постапка.

За разлика од Македонија, во европските развиени држави кои се грижат за своите граѓани и за јавното здравје постојат официјални бази на податоци односно фотографии и листи од нелегални суплементи со сибутрамин кои биле пронајдени во продажба. Данската медицинска агенција, на пример, на својата страница има објавено фотографии со сите суплементи за намалување на телесната тежина во оваа држава кои ја содржат илегалната супстанца. Данската медицинска агенција рутински ги анализира производите за да провери дали во нив има состојки што не се декларирани на етикетите.

Ваква пракса за заштита на јавното здравје на населението во земјава не постои, иако на рафтовите во аптеките и на социјалните мрежи се нудат стотици препарати за слабеење, одржување на фигурата, детоксификација и слични препарати за разубавување.

За време на нашата операција, дознавме дека има голем број нелегални производи за слабеење кои содржат субитрамин во себе, а тоа не е декларирано ни на декларацијата, ни на пакувањето.

Производите кои често се продаваат на интернет, може да бидат опасни по здравјето и затоа ги предупредуваме корисниците да не ги земаат. Сибутрамин претходно е одобрен за третман на прекумерна телесна тежина или обезност, но исто така предизвикува сериозни несакни ефекти и сите лекови што го содржат беа повлечени од пазарот во 2010 година. Не знаеме за сите нелегални препарати за слабеење на пазарот и веројатно е дека други илегални или опасни вакви препарати се во циркулација, се вели на официјалната страница на Данската медицинска агенција која е последен пат ажурирана годинава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот