Промоција на сликовницата во КИЦ – Скопје

Сликовницата „Памук“ на Ника Гавровска и Ѓоко Гавровски е обликувана со поетска нарација и филмска длабочина

Авторската хибридна сликовница „Памук“ на Ника Гавровска и Ѓоко Гавровски, објавена во издание на „Гаврош“, беше промовирана на 26 март во Културно-информативниот центар во Скопје.

Настанот беше конципиран како спој на книжевна промоција и изложбена поставка, при што публиката имаше можност да ги види оригиналните минијатурни сценографии и експонати користени во процесот на создавање на книгата.

Изданието го промовираше Наташа Атанасова, која се осврна на „Памук“ како современо авторско дело што ја проширува сликовницата кон поле на мултимедијална форма, во која текстот, сликата и материјалноста се обединети во единствен визуелно-наративен систем.

Во рамките на настанот се одржа и разговор со авторите, посветен на процесот на создавање на книгата, нејзиниот визуелен јазик и наративниот концепт.

„Памук“ е сликовница создадена преку хибридна техника што комбинира минијатурни сценографии, куклено обликувани ликови и фотографија, при што секоја сцена е изградена како мал филмски сет, резултирајќи со уникатна атмосфера и визуелен универзум што се доживува и како книга и како филм во движење. Автор на фотографиите што се употребени во сликовницата е Ѓорѓи Клинчаров.

Во наративна смисла, приказната е дистописка алегорија за патувањето на малиот штрк Памук и неговото семејство во свет, напуштен од луѓето, каде што патот кон дома е заборавен – а со тоа и самото значење на зборот „дом“. Со поетска нарација и филмска длабочина, оваа „вистинска бајка“ ја следи авантурата на Памук во потрагата по заборавеното сеќавање и древните патeки што некогаш ги воделе сите птици. Најмногу од сè оваа приказна ја следи тивката, внатрешна авантура на Памук – неговото созревање и бавното откривање на сопствениот пат.

Ника Гавровска е авторка на сликовницата „Бел“ (2019), илустрираната книга „Бамбино“ (2022), илустрираниот зборовник „Збор по збор“ (2022) и графичкиот роман „Ветерната приказна“ (2023).

Ѓоко Гавровски е мултимедијален уметник. „Памук“ е негова прва книга во која Гавровски се појавува како автор на ликовното обликување и визуелната концепција на изданието.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 327, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5.4.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот