Слики на Јана Николовска на кои е прикажана страста кон животот се изложени во „Аудиокултура“

Плакат за изложбата на Јана Николовска

Петтата самостојна изложба на уметницата Јана Николовска, на која ќе бидат изложени дела од нејзината најнова продукција, ќе биде отворена на 13 ноември, во 19 часот, во „Аудиокултура“ во Скопје.

Насловот на изложбата „Infatuation“ означува интензивна страст или восхит кон некој или нешто. На нејзините дела е прикажана нејзината страст кон животот, нејзината заљубеност во сликарството и пасија кон апстрактната и метафизичка реалност.

Делата на уметницата се произлезени од нејзината желба и потреба да го наслика тоа што не е видливо за човеково око и на публиката да им го претстави на слика. Уметницата се занимава со апстрактни поими кои таа ги претставува според нејзините гледишта и разбирања за истите. На нејзините слики, уметницата истражува длабоки тематики и тематики од есенцијално и суштинско значење на човештвото.

Јана Николовска е родена 1994 година во Скопје, Македонија. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на проф. м-р Жанета Вангели, во 2018 година. Таа се занимаваше со создавање уметност многу пред да го започне факултетот. Првите медиуми во кои таа создаваше беа сликарството и цртањето. Отсекогаш ги сакала сликарството и боите. Ја сака слободата на создавање и флексибилноста што маслените бои ѝ ја даваат. Таа беше фасцинирана од начинот на кој маслените бои може да се мешаат и нанесат за да се постигне токму саканата нијанса и совршената густина на слојот што се бара.

Како апстрактен експресионист, Јана Николовска користи боја за да ги изрази своите чувства, мисли, емоционални состојби и начинот на кој го гледа светот и сè во него. На нејзините слики можете да видите сосема нови интересни светови кои произлегле од нејзината имагинација и сензибилитет.

Покрај сликарството, таа се занимава и со фотографија и дигитални уметнички дела. Почнала да се занимава со уметничка фотографија фотографирајќи сцени од нејзиниот живот. Таа го истражуваше дигиталниот свет создавајќи многу различни колажи од нејзините фотографии, како и дигитални илустрации.

Потоа, нејзиниот креативен процес ја натера да почне да експериментира и да работи со видео и звук, што ѝ отвори сосема нов интересен свет. Таа почна да снима видео материјали, а подоцна да го уредува материјалот во софтверот Da Vinci Resolve. Таа го создава својот експериментален звук во софтверот Ableton, користејќи MIDI контролер и го комбинира видеото со звукот за да создаде мултимедијално уметничко дело кое стимулира две човечки сетила во исто време.

Учествувала на многу групни изложби и четири самостојни изложби. Некои од местата каде што има изложено се: „Галерија МЦ“ – Њујорк, МСУ – Скопје, НУ Музеј на Македонија – Скопје, Галерија „Тurner House“ – Велика Британија, НУ Кинотека на РСМ, Галерија ФЛУ – Скопје, Галерија МКЦ – Скопје, Културно-информативен центар – Скопје, „Јадро“ – Скопје, Галерија „Fonticus“ – Грожњан, Хрватска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот