Следната година ќе биде пуштен регистарот на вистински сопственици

фото: Слободен печат

Како обврска од Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам, од Централниот регистар најавија дека од следната година во функција ќе биде пуштен регистарот на вистински сопственици којшто ќе покажува каде некој има сопственост, удел и колкав е тој удел.

До средината на следниот месец се очекува да биде готова демо-верзијата на регистарот, додека со стартувањето на регистерот ќе започне законскиот рок од три месеци субјектите да ги пополнат потребните податоци.

Секој потенцијален субјект законски е обврзан да пополни соодветен формулар во кој ќе наведе каде и во колку компании има сопственост, кои се тие, каде има удел, колкава е висината на уделот, каде има акции и каде е евентуално претседател на управен одбор. Секој удел на физичкото лице во кој било правен субјект, без оглед дали е два, пет, 50 или 100 проценти треба да биде внесен во регистарот.

– За субјектите кои веќе постојат ќе треба сметководителот да го изврши ажурирањето односно да се полни регистарот на вистински сопственици. Рокот на полнење е три месеци. По тие три месеци тој што нема да ја пополни потврдата за вистински сопственик ќе биде казнуван со закон – рече на денешниот брифинг со новинарите, директорката на Централниот регистар, Марија Бошковска Јанковски.

За иницијална регистрација, кога се регистрира нов правен субјект, ќе треба во рок од осум дена да се  пополни пријава за вистински сопственик за да може да се ажурира во регистарот на вистински сопственици.

Регистарот на вистински сопственици требаше да воспоставен до 1 ноември годинава, но поради административни процедури задоцнило потпишувањето на договорот и примената на регистарот што е донација од германски ГИС.

Сопственичката структура во регистарот ќе биде исто така јавно достапна како и останатите податоци од Централниот регистар.

Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, со кој се предвидува воведувањето на регистарот, е усогласен со ЕУ-директивите.

Според најавите, до крајот на првиот квартал следната година, Централниот регистар ќе пушти нов портал, со кој ќе биде применет проектот на отворено владино партнерство и преку него ќе бидат отворени за јавноста поголем број податоци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот