Славните под обвиненија за силувања: Тој беше предатор, а јас бев девојче

profimedia

Листата на славни личности кои се соочиле со обвинување за сексуално злоставување е прилично долга. Неодамна на неа се најде и името на Жерар Депардје.

Мината недела светските медиуми ја пренесоа веста дека славниот француски глумец Жерар Депардје е обвинет за силување и сексуален напад на 22-годишна глумица, кое наводно се случило во 2018 година во неговиот дом во Париз. По првите обвиненија, истрагата била прекината поради недостаток на докази, но подоцна била повторно отворена кога актерката поднела жалба, што довело до кривична пријава против 72-годишниот Депардје. Според неговиот адвокат, актерот е на слобода, но е под судски надзор и целосно ги негира сите обвиненија. Наводно, Жерар е близок пријател на семејството на жртвата со која вежбал сцена за претставата за време на злоставувањето. Жртвата не е именувана во јавноста, а нејзиниот адвокат изјави дека нејзината приватност ќе се почитува додека се одвива случајот.

Во март минатата година, познатиот холивудски продуцент Харви Вајнстајн (67) беше осуден на 23 години затвор за сторени две кривични дела – силување и сексуално насилство, откако над 80 жени изјавиле дека ги силувал или извршил сексуален напад.

profimedia

Меѓу нив беа и познати имиња, од Анџелина Џоли до Селма Хаек, Гвинет Палтроу, Ума Турман и Кара Делевињ. Со случајот Вајнстајн, кој траеше три години, се отвори пандорината кутија на обвинувања адресирани кон други славни личности. Писателката Ана Греам Хантер (52) го обвини Дастин Хофман (80) дека кога имала 17 години, во 1985, ја гушкал, но тоа било со сексуална конотација. „Тој беше предатор, а јас бев дете“, пишува Хантер. Актерот одговорил преку весникот Гардијан со извинување – „Имам голема почит кон жените и страшно жалам што, што ѝ да сум направил, можеби сум ја довел во непријатна ситуација.“

Во 2014 година експлодираше медиумската бомба дека глумецот Бил Козби е обвинет за малтретирање на млади актерки, со години. Тој негираше, но обвинувањата се преклопиле и на крајот, 35 жени потврдиле дека биле силувани од „д-р Робинсон“. Телевизиската ѕвезда и комичар е осуден на три до 10 години затвор за дрогирање и силување на кошаркарскиот тренер, познатата Андреа Констанд. Актерката Хилари Бартон пак, го обвини славниот Бен Афлек дека ја фаќал за гради за време на преносот „во живо“ на Ем-ти-ви, кој таа го водела во 2003 година. Афлек ѝ се извини преку Твитер: „Се однесував непристојно и жал ми е“. Во 2017 година, и братот на Бен Афлек, кој исто така е глумец, Кејси Афлек, беше во центарот на онлајн-петицијата која надмина 10.000 потписи, лансирана од режисерот Камерон Босерт. Со петицијата се бараше Кејси да не учествува на доделувањето на Оскарите во 2018 година бидејќи сексуално ги вознемирувал глумицата Магдалена Горка и продуцентката Аманда Вајт и дека им испраќал заканувачки пораки. Но и покрај тешките обвинувања, Кејси Афлек ја освои наградата за најдобар актер за улогата во филмот „Манчестер покрај море“.

Вуди Ален профимедиа

Ниту актерот и режисер на бројни ремек-дела, Вуди Ален (85), не остана имун на обвинувањата. Неговиот случај е уште потежок поради фактот што жртвата е Дилан Фароу, посвоената ќерка на Миа Фароу и Вуди Ален. Неколкупати Дилан ги повтори сексуалните обвинувања кон нејзиниот татко, дури и преку писма објавени во медиумите, во кои младата жена тврди дека режисерот ја злоставувал кога имала 7 години, веднаш по посвојувањето. Ален пак, секогаш се бранел дека станува збор за лажни и срамни тврдења.

И името на оперскиот пејач Плисидо Доминго (78) се најде на списокот на насилници и силувачи. Осум пејачки и една танчерка го обвинија за сексуална злоупотреба што се случила пред 30 години, но досега, велат тие, не се осмелиле да зборуваат. Доминго, наводно, ги принудувал жените да имаат секс со него, а за возврат тој би им обезбедил добар аранжман и обратно, ако го одбиеле ги казнувал со тоа што ги оставал без ангажман.

Пласидо, профимедиа

На групата насилници им се придружи и пејачот Р. Кели (52), кој беше обвинет за сексуален напад на најмалку четири девојчиња, од кои три се од 13 до 17 години. Актерот Кевин Спејси (60) пак, сексуално нападнал 18-годишник во еден бар, но веднаш изјавил дека не се чувствува виновен. Тој прво пиел, а потоа го допирал. Сепак, случајот бил отфрлен зашто младиот човек одбил да сведочи, а Кевин избегнал можна казна од пет години затвор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот