Проф. Трајко Славески/фотографија: „Слободен печат“/ Слободан Џуриќ

Славески бара законски измени за да ги регулира банкарските провизии

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, повика на разгледување на законски измени со кои на Народната банка би ѝ се овозможиле механизми за поголема заштита на корисниците на платежните услуги и за ограничување одредени банкарски надоместоци по примерот на повеќе европски земји.

Славески во објава на социјалната мрежа „Икс“ истакна дека платниот промет е услуга што секојдневно ја користат граѓаните и компаниите и затоа прашањето за висината на надоместоците заслужува поширока јавна и институционална дебата.

– Народната банка во моментот нема законска надлежност директно да ги регулира надоместоците што ги наплаќаат банките. Сепак, актуелните случувања покажуваат дека е потребно да се разгледаат можностите за дополнување на законската рамка по примерот на повеќе европски земји во кои постојат механизми за заштита на корисниците и обезбедување фер и предвидливи услови за користење на платежните услуги – наведува Славески.

Тој посочува дека во голем број европски држави постојат механизми за регулирање или ограничување одредени надоместоци и дека ваквите искуства може да послужат како добра основа за јавна дебата и во земјата.

Славески: НБРСМ е непријатно изненадена од одлуката на некои банки за зголемување на провизиите

Според гувернерот, целта е граѓаните и компаниите да имаат пристап до ефикасни платежни услуги по разумни надоместоци во согласност со современите европски практики.

Повикот на Славески доаѓа откога четири банки во земјата во изминатите денови најавија зголемување на надоместоците за услугите во платниот промет, што предизвика реакции во јавноста и отвори прашања за потребата од дополнителна заштита на корисниците на овие услуги

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот