Слаткарницата Ладурé – симбол на уживањето на француски начин

Кој и да дојде во Париз, мора да наврати во легендарната слаткарница Ладурé, институција на рафинирани колачи во француски стил. Ладурé е рај за вистинските сладокусци, но има тука по нешто и за соленокусците.

Историјата на слаткарницата Ладурé започнала во далечната 1862 година, кога Луј Ернест Ладур ја отворил својата пекара во областа Мадлен, каде што во тоа време се наоѓаа големите модни куќи и гастрономските производи. Само десет години подоцна се случува пожар, а пекарата станува слаткарница. Уредувањето му е доверено на Жил Шере, познат графичар и сликар од крајот на 19 век. Тој нашол инспирација во сликарската техника со која се изработени сводовите на Сикстинската капела во Рим и Опера Гарние во Париз. Во тоа време на второто царство, кафулињата станувале сѐ попопуларни, а ентериерите сѐ пораскошни. Цел Париз итал кон новите места за дружење. Завладеало општо лудило по излегувањата и забавите. Начинот на животот на жените драстично се зименил. Тие станале желни за нови средби, нови приказни и нова забава, зашто веќе не им биле доволни само домашните забави и баловите.

Чувствувајќи ги тие промени во воздухот, сопругата на Ернест Ладур се досетила на едно место да ги спои париското кафуле и слаткарницата. Така се родила првата чајџилница во Париз. Предноста на салонот за чај бил во тоа што женскиот свет можел слободно да се собира без придружба на мажи. Тука никој не ги гледал „под око“ додека биле сами.

Семејството Холдер, таткото Франсис и синот Давид, толку биле фасцинирани од оваа слаткарница што во почетокот на 1993 ја откупиле и одлучиле од неа да создадат симбол на Париз.
На крајот на 90-те овој простор станал таканаречена куќа „мајка“, а главната комерцијална слаткарница била отворена на Шанзелизе. Новиот простор бил автентично и софистицирано место со најраскошните атрибути на стилот на Наполеон Трети, старински мермер и мебел од 19 век. Малите салони со скапоцен мебел се нижеле еден по друг на првиот кат. Сите тие елементи направиле од Ладурé уникатно место во Париз, симбол на францускиот начин на живот.

Славните макарон

Ладурé Шанзелизе е вистинска ода на слатките и на инвентивниот дух. Секој нов миг на создавање се доживува силно. Како што модните креатори секоја година лансираат нови колекции, така и слаткарницата Ладурé двапати во годината осмислува нови десерти. Најпознати се по малото топчесто колаче макарон, кое стана вистинска ѕвезда. Пјер Дефонтен, внукот на Луј Ернест Ладур, во почетокот на 20 век се досетил да ги дополни со крем. Оттогаш, рецептот останал непроменет. Шефовите на слаткарницата ги дозираат бадемите, јајцата и шеќерот, па потоа го приготвуваат кремот. Кога со филот ќе го наполнат колачето, го чуваат на ладно 48 часа и дури потоа го продаваат.

Малото меко колаче денес е заштитен знак на оваа куќа. Секоја сезона тимот на слаткарницата со главниот шеф креираат нови вкусови. Но, освен вкусовите, тие внимаваат и на боите на слатките, зашто тие се главен фактор во флертувањето со клиентите. Има цела палета, а вашата вреќичка полна со одбраните колачиња потсетува на мали топчиња од детската фантазија.

Симбол на француско уживање

По неколку бутик-ресторани во шик-квартовите на Париз, Ладурé ги отвори своите врати и во другите светски метрополи, како Монако, Женева, Лондон, Милано, Токио…Во нив може да се касне и по нешто солено, не помалку вкусно од слаткото.

Секоја слаткарница Ладурé има своја приказна и посебна атмосфера што нѐ носи некаде надвор од ова време.

Фотографии – Фејсбук

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот