Венко Филипче Фото: Принтскрин

Скратена работна недела, повисоки плати и пензии, Дом за сите – Филипче ја претстави новата програма на СДСМ

Во однос на социјалата, Филипче истакна дека економијата е за луѓето, не за газдите, и затоа СДСМ не нуди само бројки, туку сосема нов социјален договор. Мерката, според него, предвидува пораст на платите на работниците и 50 отсто поголеми пензии.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денеска на брифинг со медиумите ја презентираше новата предлог-програма, која како што рече, преку инклузивен процес и широка дебата со членството, граѓаните и експертите, ќе биде усвоена на програмскиот конгрес на СДСМ, кој ќе се одржи на 7 јуни.

Предлог-програмата содржи над 20 точки, со која се адресираат и повеќе категории граѓани.

Првата точка е „Дом за сите“, со која се планира промена на станбената политика од една страна, и развојната политика од друга страна. Се предвидува првиот дом да биде без данок, данокот на промет да се укине до 35 години за да може младите да го купат својот прв дом.

„Македонските градови се празни, тие се без луѓе, има сè повеќе станови, а сè помалку домови. Просторот е за живеење, домот треба да е спокоен. Решението е во целосна промена на парадигмата преку интеграција на станбената политика, од една страна, и развојната политика, од друга. Нашите предлог-чекори се прв дом без данок – целосно се укинува данокот на промет на сите до 35 години кои купуваат свој прв дом. Понатаму, покрив над главата со 1%, зелени и модерни згради, итен фонд за покриви и фасади и клуч на рака за млади, како и праведни даноци“, рече Филипче.

Друга точка од програмата е „Праведни даноци“, со што се предвидува поевтина храна и оданочување на луксузот. „Енергетска автономија“ е третата точка, со која се предвидува енергетски суверенитет, зелена правда, како и ставање крај на партиските фирми. Филипче ги наведе и следните точки од програмата: „Паметна индустријализација, силна економија“, „Плати, пензии, правда“, „Соживот без уцени“, „Македонски идентитет, потврден и траен“, „Македонски мултилатерализам“, „Челична безбедност, национален спокој“.

Ги наведе и „Нула корупција“, точки што ќе ги опфатат младите, работниците, пензионерите, посочувајќи оти тие не нудат само бројки, туку и нов социјален договор.

„Нула корупција преку европско обвинителство. Правдата во Македонија е заробена од корумпираните центри на моќ, кои преку системска ерозија на институциите го приватизираат јавното добро. Наместо владеење на правото, на сцена имаме институционална несигурност, која ги дестимулира стратешките инвестиции и создава економски амбиент со висок ризик“,рече тој.

Според него, визијата на СДСМ е премин од пасивна контрола кон автоматизиран интегритет, каде што дигиталните протоколи го оневозможуваат дискреционото право како извор на мито.

„Со врзување на напредокот во преговорите со ЕУ со реална испорака на правдата, создаваме систем, кој ја наградува чесноста, а ја дигитализира одговорноста. Оттука, фронт со Европското обвинителство за нула корупција“, рече тој додавајќи дека програмата предвидува оперативен фронт со Европското обвинителство, предвремено затворање на „фундаментите“, паметни протоколи во администрацијата, алгоритамска проверка на тековите на капитал и институционален гарант за интегритет.

Во однос на социјалата, Филипче истакна дека економијата е за луѓето, не за газдите, и затоа СДСМ не нуди само бројки, туку сосема нов социјален договор. Мерката, според него, предвидува пораст на платите на работниците и 50 отсто поголеми пензии.

„Економијата е за луѓето, не за газдите. Прво, платите горе, понатаму пензии што растат, стоп за профитерите, македонски пари дома и крај на пазарниот терор“, најави Филипче.

Тој најави кратење на работната недела од сегашните пет работни дена на четири работни дена. Филипче порача дека со овој модел човекот се става пред профитот, а целта е достоинствен живот за работниците.

„Станавме нација со најдолг работен циклус.Нација која е најпреработена, најисцрпена и соочена со масовен „burn out“. Луѓе работат преку авторски договори или со т.н лажно самовработување. Затоа е потребна гарантирана сигурност и извесност на работните места. По една година, трајна работа, ставаме крај на договорите на месец дена. По најмногу 12 месеци секој привремен ангажман станува траен. Еднакви права имаат сите. Секој ден се брои во стаж, крај за агенциски вработувања и синдикатот е твој штит“, рече Филипче.

Столбот за „Скратена работна недела“ предвидува и други мерки како скратено работно време за повозорасните работници, лицата со попреченост и оние во процес на закрепнување, субвенции за сите компании кои ќе тестираат скратена работна недела и друго.

Програмата предвидува пензиите да бидат во чекор со поскапувањето на храната, истакнувајќи дека гарантираат 50 отсто раст на сите пензии по само еден мандат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот