Скопје танцовиот театар ќе ја изведе кореографијата „Табу република“ на Бобан Русески на „Танц фест“

Плакатот за претставата го подготви Кристијан Јованоски

Во рамки на фестивалот „Танц фест 2023“, на 10 април, во 20 часот, во Младинскиот културен центар ќе биде изведена претставата „Табу република“ на кореографот Бобан Русески, во продукција и изведба на Скопје танцовиот театар.

Покрај Русески, кој е потписник на кореографијата и режијата, во претставата учествуваат: со пијано изведба Ема Ананиевска, на теремин Кети Танчева, а визуелен уметник е Кристијан Јованоски. Костимите се на Благој Мицевски, плакатот за претставата го подготви Кристијан Јованоски, а настапуваат танчерите на Скопје танцовиот театар Анастасија Данчевска и Сара Цветковска и студентите на Катедрата за современ танц при универзитетот „Гоце Делчев“: Стефи Шааршмит, Клара Христовска, Илина Костовска, Моника Шолевска, Михаела-Анџела Глигорова, Ангела Петровска, Јоана Благадуша, како и актерката Наталија Ристеска.

За претставата, Русески вели: „’Табу република‘ нема цензура. Таа се занимава со тематики на лицата од женскиот род, жената како родилка и носител на живот. Како кореограф во подготовките правев истражувања колкава е стапката на смртноста на жените при пораѓање. Фокусот е ставен на абортусот, кој најчесто се случува заради недоволното сексуално образование кај младите лица. Претставата ги истражува состојбите во кои се стишува гласот на младите, поради општествените предрасуди и погледи кон самиот чин. Често наидував на млади девојки, познанички, кои се соочуваат со тие проблеми и тоа ме поттикна повеќе да истражувам на оваа тема. По неколку интервјуа со гинеколози, психолози и дефектолози, сфатив дека проблемите со кои се соочува младината се многу подлабоки, а со дел од овие проблеми се соочуваат и повозрасни лица. Воедно, делото разработува сензитивна тематика и ги опфаќа лицата од ранливи категории, лица со оштетен вид и слух, лица со инвалидитет, кои се најмногу обесправени од самите институции. Една од многуте табу теми во нашите краишта, кои ме инспирираа да го создадам ова дело, се со цел да се слушне за овие проблеми и да се зборува отворено за нив во нашето општество.“

*Претставата се препорачува за +16 години.

„Танц фест Скопје“ е поддржан од Министерството за култура, Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, Амбасадата на САД во Скопје, УГД, „Виталија“, „Бовин“ и мeдиумските партнери.

Бобан Русески е професионален танчер и кореограф, кој својата кариера ја гради настапувајќи со Скопје танцовиот театар. Оваа година компанијата за првпат продуцира негова кореографија под наслов „Табу република“.

Со Скопје танцовиот театар Русески учествува на многубројни фестивали, како што се повеќегодишни настапи на „Танц фест Скопје“; „Share Festival“ во Братислава, Словачка; „Holland Dance Festival“ во Хаг, Холандија; „Battery Dance Festival“ во Њујорк, САД; Интернационален фестивал за танц „Beijing Dance Festival“ во Пекинг, Кина; „Меритајм силк фестивал“ во Чуанџо, Кина и други.

Русески дебитира како кореограф во 2015 година со независниот проект „Јас = Ти“, следна е кореографијата со која настапува на кореографскиот натпревар за млади уметници „Танцлаб“ во рамки на фестивалот „Танц фест 2018“, под наслов „Јас и Адри“, кое во 2019 година се трансформира во „Јас и Сара“ и со кое настапува на „Танц фест 2019“; потоа ја прави кореографијата „Гробно место“ на „Танц фест 2020“, а на фестивалот повторно се појавува во 2022 со претставата „Општествена критика“.

Со здружението „Икс на Квадрат“ ги прави продукциите: „Парадоксот на Диоген“ во 2021; „Самовили и Демони“ и „УПМ –Уметност, Политика, Мудрост“ во 2022. Русески соработува со различни кореографи, режисери и уметници, меѓу кои Рисима Рисимкин, Зарина Првасевда, Матеа Мијановиќ, Филип Петковски, Луна Адитеја, Адријана Данчевска, Александра Петрушевска, Дејан Битровски, Тони Китановски, Матеа Киселичка, Олга Панго, Сара Цветковска, Јована Зајкова и многу други.

Скопје танцовиот театар е првата официјална современа танцова компанија во нашава земја, основана во 2011 година и предводена од кореографката Рисима Рисимкин, како основач и уметнички директор. Компанијата во континуитет, активно работи на создавање, промоција и презентација на современата танцова уметност кај нас, како и нејзин пласман на светската танцова сцена.

Работата на овој театар промовира нова естетика кај нас и се занимава со истражување и продукција во областа на современиот танц. Скопје танцовиот театар во изминатите единаесет години има остварено над 70 продукции. Компанијата настапува на фестивали низ целиот свет, за што добива одлични критики и е препознаена како високо квалитетна компанија на светско ниво.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот