Скопјани можат да останат без греење поради недостиг на гас во топланите, аерозагадувањето засега во втор план за надлежните?

Топлификација БЕГ парно греење / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Претседателката на ДОМ и пратеничка Маја Морачанин во интерес на здравјето на граѓаните, бара топланите во Скопје да продолжат да работат на гас. Морачанин, која во неделата доби втор мандат како претседателка на оваа партија, во интервју за МИА вели дека ќе инсистираат да се почитуваат нивниот став и барање работата на топланите да продолжи на гас и да не се префрлуваат на дизел или мазут, коишто навистина многу загадуваат, бидејќи тоа многу ќе се рефлектира на загадувањето на воздухот во Скопје.

– Состојбата е тешка и затоа велам ова се прашањата коишто се од интерес за граѓаните. Јас за тоа зборував не само во коалицијата, туку и на лидерската средба која ја организираше премиерот Ковачевски со сите претседатели на политичките партии во Парламентот и го истакнав ова прашање, односно барање дека без разлика на цената на гасот, бидејќи состојбата е дека еве гас може да се снабди само по таа цена на берзите и што е поисплатливо, нашиот став како ДОМ и наше барање беше да продолжи работата на топланите во Скопје на гас, да не се префрлуваат на дизел или мазут коишто навистина многу загадуваат и тоа се рефлектира дефинитивно многу на загадувањето на воздухот во Скопје, рече Морачанин.

Тоа е, вели Морачанин, ставот што ние го наметнавме и ќе инсистираме да се испочитува без разлика на цената.

– Дури и да биде поскапо затоплувањето со гас, во интерес на здравјето на граѓаните да продолжат топланите да работат на гас, изјави Морачанин.

Таа нагласува дека работењето на гас ќе биде поисплатливо отколку потоа граѓаните да се лекуваат, посочувајќи дека треба да се гледа и тој аспект.

– А во однос на цената реков, нека биде и поскапо, но да ги заштитиме граѓаните. И тоа не е само за Градот Скопје, бидејќи во Градот Скопје секојдневно гравитираат многу луѓе заради образование, заради работа итн. Така што голем број на наши граѓани од Македонија се подложни на загадувањето на воздухот во Скопје, рече претседателката на ДОМ.

На оваа тема Морачанин зборувала и со министерот за животна средина и нејзини очекувања се дека топланите ќе продолжат да работат на гас.

– Исто така и министерот за животна средина инсистира на ова и Владата мислам дека ќе постапи во таа насока, така што очекувам топланите да продолжат да работат на гас. Никој не може да предвиди со војната во Украина и како ќе се развиваат тие состојби ако нема воопшто снабдување со гас, но не очекувам тоа да се случи по сите најави што ги добиваме, што ги слушаме дека сепак ќе има снабдување со гас, изјави Морачанин.

Од друга страна и покрај овие заложби и барања на претседателката на ДОМ Морачанин до надлежните топланите во главниот град да работат само на природен гас, денеска топланата Север престана да работи, до дека Исток и Запад топланите информираа дека тие имаат гас за уште еден ден поради што ЕСМ досега не објави тендер за набавка на течното гориво.

Од ЕСМ велат дека нема да има никакви проблеми со греењето, иако во топланите Исток и Запад има гас за само еден ден.

ЕСМ од почетокот на грејната сезона ја презеде обврската зимава да ги снабдува топланите Исток и Запад со гас и тоа го прави на кратки периоди од по две недели. Надлежните уверуваат дека ваквиот начин на набавка во моментов е подобар, со оглед на брзите и големи промени во цената на гасот на пазарот.

ЕСМ на 12 ноември соопшти дека купи гас со кој ќе се покрие производството на топлинска енергија до крајот на месецот и дека набавките ќе продолжи да ги прави за покуси временски периоди за да се искористи падот на цената на енергенсот. Од тогаш нема информација за нова набавка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот