Парно радијатори за греење / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Скопјани „казнети“ затоа што ЕСМ доцнеше со фактурите за парно, месецов ќе треба да платат две сметки

Скопјани кои се греат на парно месецов ќе треба да платат две сметки за испорачана топлинска енергија, едната за октомври, другата за ноември. Новиот снабдувач ЕСМ Снабдување, откако ја презема работата од БЕГ доцнеше со испорака на фактурите за октомври, ги достави на почетокот на месецов, па тоа доцнење сериозно ќе се одрази врз домашниот буџет на граѓаните и покрај тоа што од компанијата ветуваа дека сметките ќе бидат со определен рок на плаќање и нема да ги оптоварат граѓаните.

Сметките за парно уште ги нема, скопјани загрижени да не треба да платат две одеднаш

И навистина, сметката за октомври треба да се плати до 15 декември, а оние кои во моментов се испорачуваат, за ноември, најдоцна до 30 декември, непосредно пред новогодишните празници. Па така, во услови кога се е поскапено и кога луѓето поскромно од другпат ќе ја пречекуваат 2023 година, ќе треба да си скратат и од тоа и да платат уште една сметка за парно, за да не дојдат во ситуација поради задоцнето подмирување на обврските да плаќаат и камати.

ЕСМ Снабдување со топлина ги изработи фактурите за топлинска енергија за месец ноември, нивната достава е започната. Рокот на плаќање на фактурата за ноември е 30.12.2022. Рокот на плаќање на фактурата за октомври е 15.12.2022. Износот на фактурите за топлинска енергија за месец ноември на потрошувачите кои плаќаат на 12 рати е ист со оние за август, септември и октомври. Износот на финансиската поддршка за секој потрошувач од категоријата домаќинства одделно е прикажан во фактурата како поединечна финансиска поддршка од Буџетот на Р.Северна Македонија преку АД ЕСМ, за фиксните и варијабилните трошоци – соопштуваат од ЕСМ.

Оттаму додаваат дека фактурите до потрошувачите ќе стигнат на ист начин како и претходно, односно оние кои ја користеле услугата „е-фактура“ фактурата ќе ја добијат во електронска форма на нивната меил адреса, додека останатите потрошувачи фактурaта ќе ја добијат во хартиена форма на својата адеса на живеење.
Од компанијата апелираат до граѓаните кои ја добиваат фактурата во хартиена форма да ја искористат можноста за добивање на е-фактура како најсигурен, најбрз, најекономичен и најеколошки начин на достава.

За тоа, треба да пополнат формулар кој може да го побараат од нашиот Центар за грижа на корисници да им се достави на меил, да го испечатат и пополнат. Пополнетиот формулар можат да го остават во некој од нашите 3 пунктови или скениран да го достават до Центарот за грижа на корисници. Формуларот можат да го преземат и во хартиена форма на нашите пунктови, да го пополнат и да го остават во пунктот – велат од ЕСМ Снабдување.

Во врска со начините на плаќање, освен со траен налог отворен кај банките, потрошувачите можат да си ги платат сметките без провизија на трите пункта на ЕСМ Снабдување, со провизија на шалтерите во банките и во македонска пошта, како и преку електронско банкарство, и тоа со ПП30 налог или со користење на побрзиот начин со електронското банкарство на самата банка во делот на топлинска енергија.

Скопјани кои сакаат да пријават некои дефекти или да се пожалат на квалитетот на греењето мпжат да се обратат во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100, како и на меил адресата [email protected].

Колку за потсетување, октомвриските сметки за парно кои стигнаа на почетокот на декември треба да се платат најдоцна до утре. До некои од потрошувачите сметките стигнале исти како претходно што им ги доставувал БЕГ, без да се внесат наведените измени кои граѓаните ги пријавиле во новите договори. Од ЕСМ објаснија дека тоа е можно да се случило доколку промените биле направени откако се изготвени октомвриските сметки. Во тој случај, според нив, промената ќе биде внесена во ноемвриските фактури. Но, доколку тоа не е корегирано и во нив, тогаш граѓаните треба да се обратат во Центарот за грижа за потрошувачи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот