Скопјанец возел без контрола на патот Охрид-Кичево, полицијата му измерила 3,15 промили алкохол во крвта
Полицијата вчера во 2 часот попладне запрела 48-годишен скопјанец кој возел по патот Охрид-Кичево во толкава состојба на пијанство, што полицајците морале прво да го однесат во болница, па таму да го уапсат, соопшти МВР.
Препорачано
„Денеска (18.07.2025) околу 14 часот на патот Охрид-Кичево полициски службеници од ОВР Кичево го лишија од слобода Б.К.(48) од Скопје, затоа што управувал патничко моторно возило “тојота” со скопски регистарски ознаки, под дејство на алкохол. По претходно добиена пријава на телефонскиот број 112 дека едно возило се движи неконтролирано по патот, преземени се соодветни мерки од страна на полициските службеници и возилото е запрено, а со тоа спречена е евентуална сообраќајна несреќа која би можела да има тешки последици. Притоа, било утврдено дека возачот е во полусвесна состојба и веднаш со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Медицинскиот центар во Кичево“, велат од полицијата.
„Откако му била пружена лекарска помош и неговата здравствена состојба значително била подобрена, извршено е алкотестирање, при што било утврдено дека имал 3,15 промили алкохол во крвта, при што лицето било лишено од слобода. По целосно документирање на случајот, против Б.К. ќе биде поднесена кривична пријава по член 297-а од Кривичниот законик „безобѕирно управување со моторно возило“, додаваат од МВР.


