Скопјанец дивеел по улиците, со автомобил гонел Италијанец и девојка
Скопјанец ќе одговара за предизвикување општа опасност, откако со автомобил прогонувал друга кола во која имало двојка – Италијанец и неговата девојка, соопшти Обвинителството.
Препорачано
Инцидентот се случил на 14 ноември, на булеварот „Партизански одреди“ и околни улици во центарот на Скопје, каде осомничениот, управувајќи „Алфа Ромео 147“ со скопски регистарски ознаки, со опасно и агресивно возење предизвикал сериозна опасност за животот на италијански државјанин и неговата девојка, велат од ОЈО.
„Откако оштетениот се обидел да се престрои во левата коловозна лента со возило „Алфа Ромео Тонале“, осомничениот го претекнал со голема брзина, повеќепати нагло кочел и застанувал, со што создал сообраќаен хаос. Кога возилата свртеле во лево на улицата „Франклин Рузвелт“, осомничениот продолжил да го следи оштетениот, нагло менувајќи ленти и застанувајќи пред неговото возило. На улицата „Народен фронт“, тој се вратил наназад со голема брзина и го удрил во предниот лев дел од автомобилот на италијанскиот државјанин. По ударот, оштетениот запрел за да повика полиција, но осомничениот фрлил тврд предмет кон нив, изнесол неразбирливи зборови и се оддалечил од местото“, пишува во соопштението.
Поради опасност агресивниот возач да избега или да го повтори делото, Обвинителството бара судија да му одреди притвор.


