Скокаат пред возило и глумат повредени за да изнудат пари

Полицијата има информација дека во Скопје има т.н. сообраќајни измамници, но засега не успеале на дело да ги фатат сторителите. Неофицијално, досега се регистрирани тројца мажи на возраст од 35 до 55 години во Скопје и во Струмица како „оперираат“ на терен, но засега законот не им може ништо. Не се знае ни колку пари од жртвите имаат земено досега.

Двајца скопјани „оперираат“ на пешачкиот премин кај Црвениот крст односно кај објектот на МАНУ, додека пак, струмичанец на пешачкиот премин спроти Т.Ц. „Глобал“. Според соговорник-таксист од Скопје, жртва на оваа измама, само тој останал покус за 3.000 денари за да се спаси од проблеми со законот.

Струмичкиот „кинески“ измамник досега имал, како што дознаваме, неколку успешни измами, а две му биле неуспешни. Последната се случила вчера, кога намерно се фрлил пред автомобил и барал пари од возачот за наводна повреда на неговите гради. Откако возачот одбил да му ја даде сумата која ја бара, наводно повредениот пешак повикал полиција и пред нив почнал да глуми дека е многу повреден и бара итен преглед во болница. Но, при прегледот не се констатирани повреди, по што полицијата му дозволила на пешакот да си замине дома без никакви законски последици.

За разлика од него, скопските т.н. „кинески“ измамници работат во тандем, и тоа на пешачки премини. Стојат еден спроти друг. Кога ќе „пикираат“ возило, двајцата се упатуваат кон него. Ако возачот се обиде да ги заобиколи на пешачкиот премин, еден од нив се враќа наназад ставајќи се во ризик. Штом возилото набрзина запре или зачкрипат гумите, еден од нив паѓа со рацете на хаубата и одглумува дека е повреден.

– Наводно повредениот легнува на земја, плаче и вреска на сиот глас дека го боли во градите, а неговиот „партнер“ пак се витка од болка дека е повреден во нозете. Многу непријатна сцена. Не сте во можност да докажувате дека не сте ги повредиле, а не ви вреди ниту да имате безбедносна камера во возилото, бидејќи полицијата не ја зема предвид како доказ. Еден од наводно повредените со крајни маки се исправи пред моето возило додека јас стоев и не ми се веруваше дека луѓето паднаа без јас да ги повредам. Ми рече да им платам за тоа што сум ги повредил, инаку ќе викнеле полиција и ќе ме тужеле – раскажува жртвата.

Соговорникот едвај ги убедил да земат 3.000 денари што ги имал при рака. – Ги земаа парите и божем со поткривнување си заминаа. Не минаа ни 200 метри, се движеа без проблем. Тогаш сфатив дека сум измамен – вели таксистот Игор Поповски, жртва на скопските „кинески“ измамници.
Поповски вели дека во разговор со колеги и познајници, многумина се измамени од истите измамници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот