Скандинавскиот рецепт против зимска депресија го освојува светот: Како да уживате дури и кога надвор е мраз и со денови не сте виделе сонце

Фото: Pexels

Во Македонија сакаме да се жалиме на времето, особено во зима, често коментирајќи како постојано врне дожд или како е невозможно да се живее затоа што веќе со денови нема ниту еден сончев зрак. А, што да кажат Норвежаните?

Зимското сонце не изгрева во текот на денот, што остава впечаток на постојана ноќ, воздухот е студен, обично околу минус 20 степени Целзиусови, често паѓа снег… Нема да набројуваме понатаму.

По своја логика, повеќето Норвежани треба да бидат депресивни со сезонско афективно нарушување (САП) поради нивните долги, темни, изолирани зими. Но, токму Норвешка често се наоѓа на листите на најсреќните земји во светот. Иако титулата за најсреќна веќе петта година по ред ја носи Финска, Норвешка ја следи во чекор и исто така е во првите пет земји во светот со највисок индекс на среќа.

Норвежаните пронашле противотров за овие ладни зими и се нарекува „koselig“

И токму кога научивте како се изговара „hygge“ (hoo-gah), оваа зима се појави нов нордиски концепт за пријатен, среќен живот. Како што можеби веќе ви е познато, hygge, данската филозофија на живеење е убава идеја која ја нагласува удобноста, топлината, забавувањето и уживањето во малите моменти со пријателите и семејството. За тоа се напишани книги, а зборот доспеал и во речникот на Оксфорд и влезе во потесниот избор за збор на годината во 2016 година.

Сега, од Норвешка доаѓа уште еден концепт за среќен живот кој, исто така, е тешко да се изговори – „koselig“ (се изговара „koosh-lee“). Грубиот превод на зборот „koselig“ е „удобност“, но всушност е многу покомплексен од тоа. Иако не постои еквивалент на македонски јазик, други земји имаат паралелни зборови, како што се данскиот „hygge“, шведскиот „mys“ и холандскиот „gezelligheid“. Што е, всушност, „koselig“? Норвешкиот концепт на „koselig“ е еден вид скандинавска тајна за победување на сезонската депресија и сезонското афективно нарушување (САП). „Кoselig“ се фокусира на прифаќање на зимата онаква каква што е, а таа е студена и темна, едноставно ги учи луѓето да не ги фрустрира неповолното време.

Фото: Pexels

Која е разликата помеѓу „koselig“ и „hygge“?

Hygge е попријатен, затворен концепт: свеќи, камини, ќебиња и влечки, пропагира удобност во внатрешниот простор. Koselig повеќе се занимава со прифаќање на студот и собирање надвор со вашите топло облечени пријатели. Koselig е излегување во природа и славење на природата … додека сте завиткани во вашиот најудобен шал, вашите крзнени чизми и вашата огромна јакна, која, секако, ја чувствувате како голема прегратка.

Станува збор за излегување, наместо да останете обвиткани под ќебето во креветот.

Други студии покажале дека луѓето кои шетаат во природа поретко ги повторуваат негативните мисли. Националната здравствена служба во Шкотска толку е убедена во придобивките од изложувањето на природата за менталното здравје што ги охрабрува лекарите да обезбедат „природни рецепти“ за помош во лекувањето на високиот крвен притисок, анксиозност и депресија.

Фото: Pexels

Како оваа зима да внесете „koselig“ во вашиот живот? Помирете се со времето

Во скандинавските земји луѓето многу ретко се жалат на временските услови, што е мала културолошка разлика која може да има големо влијание врз начинот на размислување. Следниот пат кога ќе се чувствувате како да се жалите за времето, преформулирајте ги мислите.

Наместо да зборувате за разни делови од телото кои „замрзнуваат“, зборувајте за тоа колку ви се топли чорапите, колку ќе уживате во следната шолја топол чај или колку вашето куче сака да си игра на снегот.

Фото: Pexels

Избегнувајте да се споредувате со другите

Особено, избегнувајте да се споредувате со оние кои објавуваат фотографии од сончевите тропски одмори на социјалните мрежи. Според психологот од Клиниката во Кливленд, една од трите најдобри клиники во САД, зимскиот блуз често има помалку врска со климата, а повеќе со споредбата.

Фото: Pexels

Контактирајте ги вашите пријатели и излезете надвор

Потребен е вистински труд за да се собереме во текот на зимата, но тоа ги прави собирите што ги имаме уште попосебни. Да имате нешта на кои се радувате и луѓе кои едвај чекате да ги видите е виталната компонента на „koselig“. Одржувањето на вашиот календар полн ќе ви помогне да се спротивставите на нагонот за хибернација. Планирајте однапред и размислете за други начини како би внеле физичка активност и сонце во вашиот живот.

Фото: Pexels

Продолжете да се движите

Не е невообичаено луѓето кои живеат во постудени климатски услови да станат помалку активни во текот на зимата, о забавувањето е лош потег. Вежбањето не само што е добро за телото, туку е и вистински третман за депресија. Кога во текот на целата зима хибернираме, пропуштаме природен и моќен лек. И колку потопло се облекувате, толку повеќе ќе уживате на отворено во зима. И не бидете премногу кул за плетена капа или ракавици!

Фото: Pexels

„Koselig“ како соочување, а не лек

Доколку најчесто се чувствувате потиштено, депресивно или безнадежно, сте го изгубиле интересот или задоволството во секојдневните активности, може да станува збор за нешто посериозно од зимската мрзеливост.

Постои разлика помеѓу неспособност и незаинтересираност. Дали немате никаква активност затоа што нешто како недостаток на времето ве спречува или затоа што таа (или која било друга) активност едноставно веќе не ви изгледа пријатна?

Ова може да укажува на депресија. Сезонското афективно растројство може да биде знак за депресија. Доколку мислите дека можеби страдате од депресија, важно е да разговарате со вашиот лекар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот