Скандал во Велика Британија – поранешен политичар со години ја дрогирал и ја силувал поранешната сопруга
Поранешниот локален советник Филип Јанг пред судот во Винчестер призна вина по 48 точки од обвинението, меѓу кои силување, дрогирање, воајеризам и сексуални напади врз поранешната сопруга во период од повеќе од една деценија, јавуваат Ројтерс и Танјуг.
Поранешниот британски локален советник Филип Јанг денеска пред Крунскиот суд во Винчестер се изјасни за виновен по 48 точки од обвинението, меѓу кои се дрогирање и силување на поранешната сопруга Џоан Јанг во период подолг од една деценија, пренесува Ројтерс.
Препорачано
Јанг (49) призна 11 точки од обвинението за силување, 11 точки од обвинението за давање супстанција со намера за намамување со цел овозможување сексуална активност, седум точки од обвинението за напад со пенетрација и четири точки од обвинението за сексуален напад, на судењето во јужна Англија.
Тој се изјасни за виновен и по 14 точки од обвинението за воајеризам, вклучително и една точка во која се наведува дека ја снимал својата поранешна сопруга „во најмалку 200 наврати“ меѓу 2010 и 2024 година. Јанг ја призна и обвинителната точка за објавување непристоен содржај, односно текстови со нејзини фотографии и слики „во најмалку 500 наврати“.
Тој се изјасни дека не е виновен по три точки од обвинението за изработка на непристојни слики на деца и по четири точки од обвинението за поседување екстремни слики.
На денешното рочиште, четворица други мажи се изјаснија дека не се виновни по обвиненијата кои се однесуваат на сексуална активност без согласност со Џоан Јанг, а нивното судење е закажано за октомври, пренесува Танјуг.


