СКАНДАЛ: Се тестираат сами со тестови од аптека за да избегнат изолација и следење на контактите!

Тестови за ковид / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Бројни друштва млади луѓе кои што биле во Охрид на забави, одмори и прослави, а кои потоа биле позитивни на коронавирусот, тоа не го откриле во сертифицирана лабораторија за ПЦР тестирање, туку дома, со брз тест од аптека, дознава „Слободен печат“

Брзи тестови за детекција на коронавирусот кои се купуваат во аптека, се користат масовно од страна на македонските граѓани а откако тие ќе излезат позитивни, пациентите не прават ПЦР тест за да не влезат во системот и да не мора да одат во изолација.

Бројни друштва млади луѓе кои што биле во Охрид на забави, одмори и прослави, а кои потоа биле позитивни на коронавирусот, тоа не го откриле во сертифицирана лабораторија за ПЦР тестирање, туку дома, со брз тест од аптека, дознава „Слободен печат“ од свои доброупатени извори во здравствениот систем.

Лекарите преку пријателски релации дознаваат за таквите кластери, но инспекторите на ДСЗИ се со врзани раце – не можат да ги изолираат ваквите лица, затоа што немаат официјален позитивен тест. Во меѓувреме сѐ е оставено на нивната совест.

Ако имаат слаби симптоми, тогаш се движат слободно и претставуваат опасност за околината, а ако имаат потешки симптоми тогаш завршуваат во болница. Така ниедна државна институција нема трага за нив и нивните контакти, а кластерите се шират и заразата неконтролирано пламнува.

Таков е случајот и со младоженецот и невестата од фамозната тетовска свадба, кои немаат решение за изолација ниту пак се знае кои биле нивните контакти затоа што во Државниот здравствен и санитарен инспекторат никој не ги пријавил. Тие дома се тестирале и излегле позитивни, се напиле парацетамол и отишле во болница на „освежување“ со инфузија, па потоа да ја организираат веселбата. Останува нејасно зошто докторот во болницата, кој што им дал инфузија не ги тестирал за да може да се следат нивните контакти.

Тетово во меѓувреме урива рекорди. Дури 101 граѓанин побарал амбулантски преглед поради ковид симптоми во изминатите 24 часа поради симптоми на коронавирусот. Се очекува дел од овие пациенти да бидат хоспитализирани во болницата, каде изминатото деноноќие имало шест нови приеми. Двајца пациенти починале, родени 1956 година и 1946 година.

-Сите ги кријат контактите, ако зборуваме реално, затоа што не сакаат да одат во изолација. Така беше и во претходните бранови. Кога се јавуваат од инспекторатот никој не дава податоци. Слободни се уште пет кревети, изјави доктор Гзим Нуредини, раководител на ковид одделението во Тетово за „Слободен печат“.

Тетовската болница е на раб на исполнетост и затоа сите пациенти кои бараат мултисистемско третирање на хроничните болести во комбинација со ковид, ќе бидат препраќани во Скопје, на Клиниката за инфективни болести.

Во Куманово и Дебар состојбата е постабилна. Во кумановската болница има 16 хоспитализирани, а од утре се отвора модуларната болница и се организира кадарот да биде подготвен за бранот кој следува, потврди за „Слободен печат“ директорката, доктор Снежана Захариева. Во Дебар хоспитализирани се седуммина, а вакцинацијата е на завидно ниво, ни рече директорот, доктор Баки Алили.

Тетовска свадба за паметење: Заразени младенци направиле голема веселба, дел од гостите завршија на кислородна поддршка

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот