СЈО има рок од три дена да ги предаде предметите на ОЈО – Слободен печат
ВестиВи ПрепорачувамеМакедонија

СЈО има рок од три дена да ги предаде предметите на ОЈО

Јанева во полномошното дала и рок во кој треба да се предадат предметите.

Специјалната обвинителка Катица Јанева во полномошното за предавање на предметите што го  испратила до СЈО дала рок од три дена во кој предметите кои ги води сега специјалното обвинителство ќе треба да се предадат на јавното обвинителство. Примпредавањето ќе треба да се направи со записник за примопредавање, најдоцна до сабота. Како и кога ќе биде тоа направено засега нема информација, ниту од СЈО, ниту од ОЈО.

Од СЈО во изјава за „Слободен печат“ потврдуваат дека рокот што го добиле е три дена, но неофицијално коментираат дека тој рок не е предвиден со законот, туку дека Јанева сама си го дала.

– Не можеме ние да влеземе во толкување на  законот. Чекаме од ОЈО да добиеме информација околу тоа кога и како ќе биде направено примопредавањето – неофицијално објаснуваат од СЈО.

Од ОЈО утрово нема никава информација. Вчера Обвинителството информираше дека добиле известување од СЈО дека Јанева ги овластила јавните обвинтиели да ги предадат предметите на ОЈО, а го добиле и полномошното.

Упатените велат дека Јанева, која е во притвор, е единствена овластена за предавање на предметите и сега таа тоа овластување го пренесува на  другите обвинители од СЈО.

Што ќе биде со СЈО откако ќе ги предаде предметите останува да се договорат политичките партии во рамките на преговорите за предлог-законот за јанво обвинителство. Како што велат извори од преговарачките тимови тие договараат тоа што можат, но главната разлика што ќе биде со предметите кои се отворани по истек на рокот од 18 месеци останува да ја договорат лидерите. Вчера имаше информација дека е можна лидерската средба на Зоран Заев и Христијан Мицковски, но сепак таа не се случи.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close