Али Риза Доган / Фото: Принтскрин / Инстаграм

„Сите сме луѓе“ — Турчин ги поканува бездомниците да спијат и јадат во неговиот ресторан во Њујорк

Али Риза Доган, кој го води „Али Баба Медитеранска Кујна“ во Мидтаун Менхетен, со години води програма за оброци за бездомници во Њујорк. Секоја среда, тој товари автомобил со садови полни со топла храна за да ја транспортира до Кинеската четврт, објави „Тудеј“.

„Помеѓу 7-ма и 8-ма авенија, безразлика на колку е ладно, дали врне или не, секоја среда навечер, им даваме храна на бездомниците во околу осум часот. Го правам ова веќе пет, шест години“, вели Доган.

Неговиот ресторан, кој го води со неговата сопруга, Туркан Доган, служи како засолниште за оние на кои што им е потребно, фигуративно и буквално. Во текот на студените ноќи, влезот на ресторанот останува отворен.

Тој поставува знак на вратата што ги поканува бездомниците да влезат и да се скријат од студот.

„Можете да останете внатре. Греењето е вклучено преку ноќ“, пишува на него.

Доган се сеќава на пристигнувањето во САД како млад мигрант од Анкара, Турција. Во тоа време, тој не зборувал англиски. Тој раскажа како јазичната бариера го спречила да го пронајде патот до своето семејство во времето на телефонските говорници. Нашол засолниште за вечерта во ходникот на еден хотел, кој имал тепих и греење.

Следниот ден, нашол некој што можел да му помогне да се јави на својот чичко, кој потоа дошол да го земе.

Заедно со неговиот татко, Доган работел како мијач на садови за неговата прва работа. На крајот ја отвориле првата локација на „Али Баба“ во 1997 година.

„Кога го отворив тоа место, имаше засолниште до нашиот ресторан. Гледајќи го тоа, секогаш им нудев храна на луѓето, бидејќи и самиот бев изгубен“, додава Доган.

Децении наназад, Доган ѝ служи на заедницата на бездомници. Тој често ги споделува своите напори на својот личен профил на социјалните мрежи со стотици илјади следбеници.

„Оние кои никогаш не живееле на улиците можеби не разбираат. Но, оние кои спијат надвор знаат многу добро – понекогаш преживувањето на една студена ноќ е битка за самиот живот“, напишал тој во една објава.

Соседите често застануваат да донираат пари за целта, но Доган вели дека не прифаќа донации. Сепак, тој основа фондација за луѓе кои сакаат да им помогнат на другите.

„Го правам ова од срце. Сите сме човечки суштества“, вели тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот