Сите домашни апарати во недела се вклучени на максимум

Во рамките на една седмица, најголема потрошувачка речиси секогаш има во недела, бидејќи е ден во кој има евтина тарифа во текот на целиот ден, посочуваат од ЕВН Хоум

Целодневното користење на евтината струја ја постави неделата како ден со најголема потрошувачка на енергија, откриваат за „Слободен печат“ од ЕВН Хоум. Од 22 часот во сабота има евтина струја до 7 часот наутро во понеделник, а во недела цел ден има евтина тарифа, која максимално се троши за полнење печки, пуштање машини за перење и бојлери, како и за готвење.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во првото полугодие од 2022 година, просечната цена на електричната енергија за домаќинствата во Република Северна Македонија изнесувала 5,761 денари по киловат-час, што претставува пораст од 11,2 отсто во споредба со второто полугодие од 2021 година.

– Во рамките на една седмица најголема потрошувачка речиси секогаш има во недела, бидејќи е ден во кој има евтина тарифа во текот на целиот ден, посочуваат од компанијата.

Инаку, најголемата потрошувачка на електрична енергија е во најстудените денови во годината.

– Значи во периодот од средина на декември до средина на февруари, но најчесто во јануари по празниците – додаваат од ЕВН Хоум.

Од компанијата истакнуваат дека секогаш ги планираат своите капацитети на потрошувачка според бројот на корисници, кои легално со соодветни барања и документација за користење електрична енергија се приклучени во дистрибутивната мрежа, со дополнително усогласување со планот за сезонската потрошувачка.

-За таа цел се набавуваат и се обезбедуваат потребните капацитети на електрична енергија и како резултат оваа компанија никогаш не се соочува со недостиг од електрична енергија – истакнуваат од ЕВН Хоум.

Во исчекување на новата цената на струјата, директорот на ЕСМ истакна дека компанијата нема кумулативно да влијае врз евентуалниот пораст на сметките за регулираниот пазар кон домаќинствата и малите потрошувачи.

– Но, не учествуваме само ние со своите цени врз формирањето на цената, туку тука се и Дистрибуција, МЕПСО и другите што влијаат врз крајната цена на потрошувачите. Има 16 проценти зголемување на цената кон ЕВН Хоум, но 23 проценти намалување на онаа за Електродистрибуција – рече Ковачевски.

Бројки:

1.192 фирми биле отворени во октомври и ноември годинава, објави порталот Пари

759 новоотворени фирми се регистрирани во Скопје, Тетово, Битола, Куманово и во Штип, или една третина од сите нови компании
102 фирми од угостителството и хотелиерството се отворени во октомври и ноември

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот