Сириски џихадист планирал напад на концертот на Тејлор Свифт во Виена
Германските власти обвинија млад Сириец за учество во подготовката на неуспешниот напад на концертот на Тејлор Свифт во Виена минатиот август, за време на нејзината турнеја „Ерас“.
Препорачано
Мохамед А., кој е малолетник и сè уште е на слобода, е обвинет дека дејствувал во име на џихадистичката организација Исламска држава (ИСИС) и му помагал на друг осомничен во подготовката на нападот.
Во тоа време, организаторите на концертите ги откажаа трите распродадени концерти на Свифт, разочарувајќи десетици илјади нејзини обожаватели, додека властите уапсија неколку осомничени терористи.
Обвинението во Германија против младиот сириски државјанин беше поднесено до судот во Берлин претходно овој месец. Федералните обвинители во соопштението наведоа дека малолетникот од Сирија „е обвинет за поддршка на странска терористичка организација и подготовка на сериозен чин на насилство“.
-Тој не е во притвор, рекоа обвинителите. Судот сега мора да одлучи дали да го изнесе случајот на судење и кога.
Според официјалните судски документи, осомничениот ја поддржувал идеологијата на групата Исламска држава и дека, помеѓу средината на јули и август минатата година, бил во контакт со млад човек во Австрија кој планирал да го нападне концертот на Свифт.
Мохамед А. наводно помагал со преведување на упатства за изработка на бомби од арапски јазик и со договарање на онлајн контакт со член на ИСИС во странство, меѓу другото.
Осомничениот, исто така, наводно му дал на познаник во Австрија текст за заклетва на верност кон ИСИС, кој вториот го искористил за да се приклучи на групата. Австриските власти извршија три апсења во однос на заговорот.


