На изложбата се претставени вкупно 52 дела од колекцијата на Националната галерија

Синергија помеѓу етнологијата и ликовната уметност е претставена на изложба во Чифте амам

Во објектот Чифте амам при Националната галерија од 16 април до 3 мај е поставена изложбата „Етнографија во делата од колекцијата на Националната галерија“.

Изложбата во Чифте амам претставува своевидна синергија помеѓу етнологијата и ликовната уметност толкувајќи ги и разработувајќи ги етнографските елементи во уметнички дела создадeни кон крајот на 19-тиот и првата половина на 20 век.

Изложени се вкупно 52 дела од колекцијата на Националната галерија, дел од нив не многу познати и претставувани пред пошироката јавност. Во импозантниот Чифте амам, публиката може да проследи дела од истакнати македонски и балкански автори што твореле инспирирани од животот во Македонија во едни други, поразлични времиња. Самиот објект дава една друга димензија, делата да се почувствуваат во автентична атмосфера.

Поставката „Етнографија во делата од колекцијата на Националната галерија“ претставува обид за ново читање на дел од најзначајните творби на македонската модерна уметност преку интердисциплинарна перспектива што ги поврзува историјата на уметноста и етнологијата.

Во фокусот е визуелната репрезентација на традиционалната култура, нејзината трансформација во уметнички мотив и улогата во формирањето на современиот културен идентитет.

Димитар Пандилoв Аврамoвски, Скопска гара, 1947

Автор на проектот е Александар Ристевски, кустос-етнолог, а соработник м-р Владимир Таневски, кустос-историчар на уметност во Одделението за депо и документација во Националната галерија.

– Колекцијата на Националната галерија содржи многубројни дела на уметници од првите генерации на македонската модерна уметност кои во своето творештво се свртуваат кон секојдневниот живот, селската економија, архитектурата, пазарите, народните носии и етничката разновидност на општеството. Овие мотиви не се случајни, туку резултат на културниот и интелектуалниот контекст во кој се формира македонската модерна уметност во првата половина на дваесеттиот век, период во кој традицијата и фолклорот се препознаваат како клучни носители на културната меморија.

Уметниците како Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Димитар Пандилов и Вангел Коџоман, како дел од првата генерација академски образувани македонски сликари, создаваат специфичен визуелен јазик во кој локалната култура се претвора во уметнички израз. Нивните композиции со селски пејзажи, сцени од жетва, бачила, пазарни сцени и портрети на луѓе од различни етнички заедници не се само естетски интерпретации, туку и вредни визуелни сведоштва за традиционалниот начин на живот.

Изложбата го третира уметничкото дело како своевиден етнографски документ. Иако создадени во рамките на уметничкиот дискурс, овие дела содржат информации за материјалната култура – архитектурата на старите македонски градови и села, типологијата на народните носии, алатките на земјоделската работа, како и ритуалите и обичаите поврзани со традиционалниот календар. Преку внимателно набљудување на овие детали, уметничките композиции можат да се читаат како визуелни архиви на културното наследство – истакнува Александар Ристевски, кустос-етнолог.

Лазар Личеноски, Мртва природа со тиква, 1942

„Во рамките на изложбата се презентирани селектирани дела од повеќе автори од колекцијата на Националната галерија на Македонија, кои тематски ги обработуваат етнографските елементи. Анализата на нивните стилски карактеристики открива изразен диверзитет во творечкиот израз, кој се манифестира преку присуството на повеќе уметнички правци и стилски ориентации. Хронолошки, делата датираат од крајот на XIX до средината на XX век. Во таа смисла, изложбата опфаќа творби како од Димитар Андонов – Папрадишки, Ѓорѓи Јаков Зографски, Лазар Личеноски и Никола Мартиноски, така и од низа други уметници кои оставиле траен белег во македонската историја на уметност“, додава м-р Владимир Таневски, кустос.

Изложбата „Етнографија во делата од колекцијата на Националната галерија“ е поддржана од Министерството за култура и туризам за 2026 година и во Чифте амам ќе биде поставена до 3 мај 2026 година.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 330, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26.4.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот