Синдикатот на полицијата поднесе кривични пријави против директорот на БЈБ и други раководни лица

Синдикатот на Полиција во Македонија до ОЈОГОКК поднесе кривична пријава против Директорот на БЈБ, Помошник на Министерот за внатрешна контрола, Помошник на Директорот за криминалистичка полиција и против двајца началници на Сектори за внатрешни работи заради основано сомнение дека сите пријавени сториле кривично дело “Злоупотреба на службена положба и овластување“ предвидено по член 353 од Кривичен законик.

Како што информираат од Синдикатот, постои сомнение дека прво, второ и третопријавените во својство на службени лица–во два наврати, ги пречекориле границите на своите службени овластувања постапувајќи спротивно на член 196 од Законот за внатрешни работи, како и четврто и петтопријавениот во еден наврат, ги пречекориле границите на своите овластувања постапувајќи спротивно на член 196 од ЗВР при изработката на решенијата и целата постапка за оштетените О.К и Н.К, како службени лица односно одговорни лица во Министерството за внатрешни работи, односно иако знаеле или биле должни да знаат дека постапките кои се поведени, водени и разрешени со решенија донесени од второпријавениот, се во спротивност со член 196 став од ЗВР, односно дисциплинските престапи кои им се ставале на товар на оштетените биле со апсолутна застареност и не било потребно да биде поведена, одобрена, водена и разрешена постапка со донесување на решенија за суспензија и распоредување во рамките на МВР.

Со опишаните дејствија на оштетените пријавените им нанеле материјална штета во вкупна висина од околу 100.000 денари, како и друга нематеријална штета.

„Очигледно во целиот случај, целта на МВР очигледно била на секаков начин да се наштети на оштетените и да престанат со синдикалните активности, како и по секоја цена Синдикатот на Полиција во Македонија да биде згаснат“, реагираат оттаму.

Повеќе детали, на пријавените ќе им бидат прикажани откако ќе бидат повикани во ОЈОГОКК.

Од Синдикатот на полицијата го повикуваат министерот Спасовски, наместо да „тера кампања“, да провери што му се случува во „неговиот двор“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот