Симеоне призна дека претерал, па им се извини на Винисиус и Перез
Тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне, денеска јавно им упати извинување на Винисиус Жуниор и на претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, поради своите реакции за време на полуфиналниот дуел од шпанскиот Суперкуп.
Препорачано
Во првото полувреме, Симеоне бурно реагираше на еден дуел во кој, според него, Винисиус симулираше прекршок. Аргентинскиот стратег тогаш излезе до аут-линијата и, како што пренесоа коментаторите на „Мовистар“, му порачал на Винисиус дека нема уште долго да остане во Мадрид.
„Флорентино ќе те избрка, запамети што ти кажувам!“, биле неговите зборови, објавија шпанските новинари.
Тензиите кулминираа во 81. минута, кога Винисиус беше заменет. При напуштањето на теренот дојде до нов вербален дуел меѓу двајцата, откако напаѓачот на Реал му дофрлил нешто на тренерот на Атлетико, а Симеоне му возвратил покажувајќи кон трибините и сугерирајќи му да ги слуша свирежите од публиката.
По денешниот утрински тренинг, Симеоне се појави пред медиумите и призна дека ја преминал границата.
„Сакам јавно да им се извинам на господинот Флорентино и на господинот Винисиус за настаните од тој натпревар. Не е во ред од моја страна да се најдам во таква ситуација и целосно прифаќам дека погрешив“, изјави аргентинскиот тренер.
Како што е познато, Атлетико Мадрид беше елиминиран во полуфиналето од градскиот ривал Реал, кој пак во финалето не успеа да го освои трофејот, откако беше поразен од Барселона.


