Гордана Сиљановска Давкова во Треблинка / Фото: Фејсбук

Сиљановска во Треблинка им оддаде почит на убиените македонски Евреи

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Меморијалниот комплекс Треблинка во Полска оддаде почит кон жртвите и положи венец пред спомен-обележјето посветено на 7.144 македонски Евреи депортирани од фашистичкиот окупатор во логорот на смртта во 1943 година.

Таа порача дека нема да дозволиме историски ревизионизам и фалсификување на вистината за холокаустот на македонските Евреи. Според неа, за нас трагедијата е поголема и поболна, бидејќи антисемитизмот никогаш не бил македонска одлика.

Фактот што македонските Евреи кои ја избегнале депортацијата, веднаш се вклучиле во народноослободителната и антифашистичка борба на македонскиот народ, е доказ за нашиот соживот, нагласи Сиљановска.

„Мора да потсетуваме на злото за да не се случи повторно. Мора да знаеме дека не се виновни само сторителите, туку и оние кои дозволиле да се случи злото. На 11 март 1943 година, тогашната бугарска фашистичка окупаторска власт, значи власта, а не народот бугарски, тогашната фашистичка власт насилно ги собра македонските Евреи од окупираната Македонија, ги натовари во сточни вагони и ги депортира тука, во нацистичкиот центар за екстерминација Треблинка. Страшното за нашите Евреи е тоа што во прашање се 98 отсто од севкупната македонска еврејска популација. Некој ставил крај на македонската еврејска заедница, а во рамките на македонските жртви во Втората светска војна се работи за околу една третина. Има ли поголема жртва за македонската слобода? Има ли поголема жртва за еврејската слобода?“ рече таа.

Претседателката положи цвеќе и пред централниот споменик во Треблинка, ја разгледа музејската поставка и оствари средба со директорот на Меморијалниот и музејски комплекс, Едвард Куповка. Таа го поздрави поставувањето на новиот ѕид на којшто ќе бидат напишани сите познати имиња на убиените Евреи во Треблинка, вклучително и имињата на македонските Евреи.

Во Варшава, претседателката положи венец пред споменикот посветен на жртвите на Варшавското гето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот