Гордана Сиљановска-Давкова и Бајрам Бегај / Фото: Фејсбук

Сиљановска – Бегај: До членството се стигнува со реформи, билатерализацијата го усложнува патот кон ЕУ

За најавената изградба на камп за мигранти во Пустец, Сиљановска вели дека албанските власти треба да ги прашаат и жителите на Пустец, а за исходот да ја информираат и македонската влада. 

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова на заедничката прес-конференција со албанскиот претседател Бајрам Бегај нагласи дека Македонија останува цврсто определена за влез во Европската Унија и дека во чекорењето на Црна Гора и Албанија на истиот пат кон Унијата гледа европски чекори и за целиот Балкан.

Гордана Сиљановска – Давкова / Фото: Слободен печат – Драган Митрески

Таа истакна дека билатерализацијата на евроинтеграцијата нема да биде осамен пример и дека членките на ЕУ треба сериозно да се однесуваат и да ја превенираат.

„До членството се стигнува со реформи, особено со владеење на правото, борба против корупцијата и јакнење на демократските институции. И тука имаме консензус дека тоа е нешто што не е врзано само со Копенхашките критериуми, туку за нашата европеизација – рече Сиљановска-Давкова.

Според неа, ставањето на идентитетските и на историските прашања на агендата само ќе го комплицира процесот на пристапување на земјите.

Извештај на Вајц за Македонија: Ќе скокнеме низ отворен прозорец во ЕУ или ќе чекаме да ни се отвори врата? – Слободен печат

Гордана Сиљановска – Давкова и Бајрам Бегај / Фото: Слободен печат – Драган Митрески

Околу најавите за можно членство во ЕУ без право на глас, Сиљановска рече дека го слушнала тоа од Вајц вчера, но има и меморија и дека повеќепати досега слушнала за вакви моментуми за влез во Унијата. Таа рече дека не може да коментира идеи, а сегашната состојба е дека според актите на ЕУ земјите членки имаат и статус и право на вето. Таа сметаше дека „по сè што направивме на тој пат, заслужуваме и нас да нè прашаат за модалитетите за прием во ЕУ, бидејќи вака не е сериозно“. Па, повторно кажа дека сме рекордери по уставни измени и дека ни се неопходни гаранции  дека нема да има нови такви барања надвор од Копенхашките критериуми.

Гордана Сиљановска – Давкова и Бајрам Бегај / Фото: Слободен печат – Драган Митрески

Македонската претседателка ги оцени како одлични и пријателски односите меѓу Македонија и Албанија. Рече дека меѓу двете земји нема отворени прашања и има основа за продлабочување на соработката во сите области.

 

Според албанскиот претседател, односите меѓу двете земји треба да бидат пример во регионот, особено во соработката.

„Блискоста е секојдневна, преку студентите, бизнисите, претприемачите, трговската размена, туристите… Коридорот 8 е симбол на новата ера на соработка, но и за европската безбедност во иднина“ рече Бегај.

Тој ја нагласи и клучната улога на Албанците во Македонија посочувајќи, меѓу другото, исто така и на почитувањето на одредбите од Охридскиот рамковен договор, но и на почитување на правата на Македонците во Албанија. Тоа, рече тој, претставува силен мост за соработка помеѓу двете земји. Тој, сепак инсистираше на целосна правична застапениост  и употреба на јазикот кои според него не се технички прашања туку суштински елемент на социјалната кохезија во државата.

Гордана Сиљановска – Давкова и Бајрам Бегај / Фото: Слободен печат – Драган Митрески

На прашањето за најавената изградба на камп за мигранти во Пустец, каде живее македонското малцинство, Бегај одговори дека не треба да се сомневаме дека изјавата што ја даде е вистинита – односно дека Македонија и Албанија имаат добри односи како соседи и како сојузници во НАТО и преку евроинтеграцијата.

„Ние ги третираме малцинствата  со посебен закон и им се заштитени сите права што им следуваат со него“, рече Бегај додавајќи дека тоа што ќе се гради таму камп за мигранти не значи неопходно и дека ќе бидат сместувани.

Бегај рече дека кампот  е дел од договорот со ФРОНТЕКС за обезбедување на капацитети при евентуален мигрантски наплив, но дека Албанија прави сè да спречи доаѓање на илегални мигранти во земјата. На ова се надоврза и Сиљановска, која рече дека за ова прашање албанските власти треба да ги прашаат и жителите на Пустец, а за исходот да ја информираат и македонската влада.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот