Сикорски предупредува: Путин не сака мир, туку капитулација на Украина
Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски денес во експозето за полската надворешна политика предупреди дека Русија не сака мир, туку капитулација на Украина и дека нема да застане тука, како и дека разнишаниот меѓународен поредок до темели и турбуленциите во светот не ѝ оставаат на Варшава простор за луксуз на пасивност.
Препорачано
„Сите сме свесни за опасноста. Ситуацијата е сериозна. Свеста за опасноста може да парализира. Не можеме да си дозволиме луксуз да останеме парализирани“, им рече Сикорски на пратениците во долниот дом на полскиот парламент.
Сикорски предупреди дека некои сојузници не го исклучуваат сценариото Русија да го нападне НАТО, како што рече, не за две или три години, туку оваа година.
„Кремљ нема да попушти. Ќе тестира понатамошни граници. Путин не сака мир, тој сака само капитулација“, рече Сикорски, потсетувајќи дека Европа е веќе цел на руски хибридни напади, особено врз Полска, каде што има безброј диверзии и саботажи и масовно ширење дезинформации на интернет.
„Целта на непријателот е едноставна. Да исплаши, да предизвика раздор, да поттикне разни групи Полјаци едни против други, да ја ослабне довербата во политичарите и владата. Полјаците, од најмладите до најстарите, мора да научат како да се справат со опасностите на интернет. Патриотска должност е да се биде свесен кој што објавува и за која цел“, рече тој.
Сикорски им порача на сите во Полска што мислат дека помагањето на Украина не вреди, дека треба да разберат дека слободна Украина како дел од Западот е шанса и можност за нивната татковина.
„Шанса да се скршат забите на рускиот империјализам, може да се зајакне преку заедничката одбрана, заеднички проекти во одбранбената индустрија преку ангажирање на нашите компании. Во војната во Украина, не е во прашање само независноста на таа земја, туку и кој ќе биде третиот најсилен играч во светот покрај САД и Кина, односно Русија или Европа“, рече Сикорски.
Тој потсети дека не е вистина дека Русија е непобедлива и наведе разни војни во кои претрпе пораз, почнувајќи од војната со Јапонија, преку Првата светска војна, окупацијата на Авганистан и конечно поразот во Студената војна, пренесува Нова.рс.
„Во Втората светска војна, Црвената армија стигна од Москва до предградието на Берлин за четири години. Армијата на Путин крвави во Донбас веќе четири години“, рече Сикорски и додаде дека доколку Русија не ја започнеше војната со анексијата на Крим во 2014 година, рускиот БДП ќе беше за 20 проценти повисок и дека Русија ја жртвуваше својата иднина на олтарот на војната.
Во својот говор, Сикорски ја нагласи важноста на сојузите во рамките на НАТО и Европската Унија, како и други формати на соработка, на пример, меѓу земјите на брегот на Балтичкото Море, заедно со стратешкиот интерес за соработка со САД. Тој апелираше за воведување на таканаречениот воен Шенген во ЕУ што е можно поскоро, за евентуалното доаѓање на сојузниците за помош да не трае со недели, туку да биде брзо без правни бариери.“


