Шукова предупреди: Водата, воздухот и почвата во Фалише ќе бидат загадени

Каја Шукова - мин. за животна средина и просторно планирање / Фото: ''Слободен печат'' / Драган Митрески

ПН: Општина Тетово треба да испита дали компанијата имала соодветна противпожарна опрема и елаборат за заштита на животната средина, бидејќи се даваат дозволи на фирми без да се запазат основните стандарди за заштита од пожар, децидна е министерката за екологија

Почвата, водата и воздухот во околината на тетовското село Фалише, каде што се запалија продажниот салон и магацинот на компанијата „Евроком“, ќе бидат загадени, затоа што во наредните денови ќе се слегнат честичките од материјалот што гореше, потврди Каја Шукова, министерка за екологија. Таа е децидна дека гореле органски материи, а нашите лаборатории ги мерат само неорганските испарувања. Сепак, според Шукова, граѓаните треба да ги почитуваат препораките од Центарот за јавно здравје, да не излегуваат и да не ги отвораат вратите и прозорците, а задолжително да не ги консумираат земјоделските производи од тој крај. Од министерката и најавата дека екипа од ЦЈЗ во Тетово е на терен за да ја испитаат водата за пиење, а резултатите ќе бидат готови за неколку денови. Таа ѝ препорача на Општина Тетово да испита дали компанијата имала соодветна противпожарна заштита и елаборат за заштита на животната средина, оти се даваат дозволи на фирми без да се запазат основните стандарди за заштита од пожар.

– Во Фалише гореа органски материи, а нашите станици ги мерат само неорганските испарувања и тука не се разликуваме од европските стандарди. Сепак, сакам да потенцираме дека локалната самоуправа треба да испита дали „Евроком“ работел според соодветните стандарди, оти тоа е нивна обврска – истакна Шукова.

ЦУК: Пожарот во Тетовско е ставен под контрола, следува испитување на водата за пиење

Според неа, евидентно е дека ќе има загадување на почвата и на водите, откако ќе се слегнат опожарените честички. Таа претпоставува дека во околината на Фалише има земјоделско земјиште, па оттука тие производи не треба да се консумираат.

– За неколку денови ќе се слегнат честичките и затоа граѓаните треба да ги почитуваат мерките на ЦЈЗ – предупреди министерката за екологија.

Како што завчера објави „Слободен печат“ во тетовско Фалише избувна голем пожар, кој ги пеплоса и двата објекта, тој е локализиран, но не и целосно ликвидиран. На моменти избувнуваат мали пламени јазици, а густиот црн чад веќе втор ден се надвиснува над овој дел на Тетовско.

Граѓаните треба да горат само суво дрво!

Повеќе јавни институции, како градинки, училишта, болници и домови на културата веќе го смениле начинот на загревање и тоа придонесува за намалување на загаденоста на главниот град, рече министерката Шукова, одговарајќи на новинарско прашање што се прави да се намали загадувањето, откако Скопје осамна како седми најзагаден град во светот. Откако новинарите ја прашаа како ја коментира одлуката на некои скопски општини да субвенционираат купување огревно дрво, таа апелираше до граѓаните да горат само суви дрва, оти влажните го загадуваат воздухот.

– Ако се гори суво дрво, нема загадување, но ако во печките се користат лакирани штици, паркети и отпадно масло, е тогаш ќе дишеме отрови – порача Шукова. Таа обелодени дека државата постојано презема мерки за намалување на загадувањето и најави дека, меѓу другото, нејзиниот ресор ќе набави 5-6 нови еколошки автобуси за Град Скопје.

ФОТО+ВИДЕО: Тешка борба во тетовско Фалише, експлозии од боци изминатава ноќ го разгоруваа пожарот, оганот е локализиран, но не и ликвидиран

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот